Се интензивираат активностите за отпочнување на Проектот за автоматизација на терминалите на граничните премини и реконструкција на граничен премин Делчево со грант од ЕУ во висина од 4,2 милиони евра.
Во првата фаза ќе се работи на автоматизација на терминалите и поврзување со новиот систем за видео надзор. Ова вклучува целосна замена на постоечките ваги со нови дигитални ваги, како и замена на постоечките рампи со нови автоматизирани рампи.
Во рамки на Царинската управа на највисоко ниво беа презентирани во детали функциите на системот, но и надлежностите на вработените во однос на нивната одговорност.
„Доколку до сега еден камион на влез на граничен царински терминал за вагање се задржуваше и повеќе од пет минути за да се измери и рачно да се внесат податоците, со имплементација на проектот се очекува истиот на вагање да се задржи една минута. Со ова значително ќе се забрза транспортот и ќе се олесни трговијата, особено на најфреквентните гранични царински терминали каде се вагаат и до 500 камиони дневно“, беше истакнато при презентација на поволностите на системот.
Системот во иднина ќе се поврзе и со останатите системи на Царинската управа што дополнително ќе влијае на олеснување и забрзување на царинските формалности, а разговарано е податоците од истиот да може да ги гледа и МВР, а се со цел заедничко делување во борбата со криминалот и корупцијата.