Дигиталните улебници се еколошки, а училниците без хартија се иднината, објави денеска министерката за образование, Мила Царовска.
Претходно соопштение за исфрлањето на хартиените учебници објави МОН, а подоцна и Царовска на Фејсбук.
Еве ја нејзината објава за учебниците:
Со дигиталните учебници децата ќе имаат низа придобивки. Еве зошто се важни, а развиените земји веќе одамна ги користат.
Дигиталните учебници го поттикнуваат учењето, затоа што се интерактивни. Со задачи и квизови учениците константно го проверуваат и зацврстуваат знаењето, можат лесно да бараат по поим во учебникот и се што во моментот им недостига во процесот на учење. Со нив ќе учат побрзо, но и ќе ги развиваат дигиталните вештини за истражување и учење онлајн.
Дигиталните учебници се достапни секаде, на училиште, дома, во автомобил, на патување…учениците секаде можат да усвојуваат нови знаења.
Сите текстови можат да бидат и во аудио форма, со што на учениците им се олеснува учењето, посебно на оние кои имаат проблем со видот. Исто така може и да преслушуваат додека прават други работи во домот.
Тие се ефективни – ги елиминираат трошоците за печатење и испорака, ослободените средства се инвестираат во развој на образованието.
Дигиталните учебници лесно се апдејтираат, нема застарување на материјалот, нешто што сега е голем проблем. Брзите промени на светот во кој живееме ги нудат дигиталните учебници како единствена можност да имаме годишна ревизија на учебниците и нивно ажурирање со нови примери или содржини.
Генерациите на сегашни основци уште од градинка се соочуваат со технологијата. За овие генерации дигиталните учебници кои им се достапни на мобилни уреди се суштински за успех во учењето. Тоа се деца кои на мобилни уреди слушаат музика, одржуваат социјални контакти. За нив дигиталниот учебник е нешто нормално.
Тие се еколошки, училниците без хартија се иднината.
На концептот од Царовска за образованието, како и за укинувањето на хартиените учебници има бројни реакции од граѓани, но и од експрети во образованието.