Апелирам наставниците и сите придружни и помошни кадри да се пријават за вакцина за да се зголеми процентот на имунизирани што работат во училиштата, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска откако министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека ќе почне интензивна комуникација со министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и директорите на институциите за повторно да разговараат со своите вработени и да ги упатат на вакцинација против Ковид-19.
На новинарско прашање дали за невакцинирани наставници од МОН ќе се воведат стимулации, Царовска одговори дека МОН не го води процесот на вакцинација, туку Министерството за здравство со кое, рече, е во постојана координација и дека ако се воведат стимулации за другите, тоа секако ќе важи и за наставниците.
-Задоволни сме од процентот на вакцинација, но значајно е тој и натаму да продолжи и затоа во континуитет се повикуваат и информираат. Мислам дека процентот и натаму ќе се зголемува, додаде Царовска на прес-конференција на која информираше за одлука на Владата за зголемување на стипендиите.
Потсети за одлуката за три сценарија за почеток на учебната 2021/2022 година и дека тие ќе се менуваат согласно епидемиолошката состојба во земјава. Првото е сите ученици од 1 септември да се вратат во училиштата на настава со физичко присуство.
-Но, не може да се потпрете само на едно, затоа што не се извесни бројките кои може да се менуваат. Најпосакувано сценарио е на 1 септември сите да бидат во училиштата, но треба да сме одговорни и посветени и да ги почитуваме препораките и мерките, да се зголемува процентот на вакцинирани за да можеме да одржиме поголем број денови поминати во училиште, за да не ни се случи менување на сценариото. МОН на 1 септември ќе биде подготвено за сите три сценарија, рече Царовска.
Министерот Филипче вчера изјави дека вакцинацијата не е задолжителна, но дека се размислува за воведување ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран на заразата.
– Не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала, рече вчера министерот за здравство.