Со новата Концепција секое училиште треба да понуди 12 изборни предмети годишно, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска за ТВ Сител.

-Со новата Концепција има повеќе изборни предмети. Ништо не укинуваме. Сега велиме во четири поглавја може да се обезбедат до три изборни предмети. Што значи дека секое училиште треба да понуди 12 предмети годишно. Изборни предмети сега се воведуваат и од четврто одделение. Изборни активности се од прво до трето, а изборни предмети по два годишно се од 4-9 одделение, рече Царовска.

Таа додаде дека наставниците на изборните предмети ќе продолжат да работат, но и ќе треба да понудат добар наслов на предметот и интересна програма за да ги заинтересираат учениците да го изберат предметот.

-Многу ќе биде значајно наставниците да се посветат на предметите кои треба да бидат изборни затоа што тие треба да бидат најинтересни, а учениците со желба да одат на тие часови. Секако дека учениците од помалите одделенија ќе донесуваат одлуки во консулатција со родителите, што укажува дека и тие наслови и содржини треба да бидат прифатени и од родителите за да може да бидат избрани, но знаете кога имате можност да одберете два предмета, сепак ги бирате согласно своите афинитети, верувања, знаења, рече Царовска.