Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се сретна со директорот за социјална заштита во Светска Банка, Михал Рутковски и неговиот тим при официјалната посета на Вашингтон, со кои разговараа за имплементација на социјалната реформа во Македонија.
Министерката Царовска нагласила дека приоритет на Министерството за труд и социјална политика е да продолжи со спроведување на процесите коишто носат до подобри услови за живот и благосостојба на граѓаните.
Рутковски, како што соопшти денеска МТСП, потенцираше дека Светска банка е подготвена да продолжи со силна поддршка во реформските процеси во социјалната заштита и дека С. Македонија токму по оваа реформа е препознаена како позитивен пример во регионот.
Посетата на Вашингтон министерката Царовска ја искористи и за средба со потпретседателката за човечки капитал на Светска банка, Анет Диксон. Царовска и Диксон разговараа за потребата Македонија да донесе Национална стратегија за вложување во човечкиот капитал.
На средбата било потенцирано дека државата веќе работи на подобрување на човечкиот капитал со спроведување на длабоки и тековни реформи. Овие реформи се од суштинско значење за инклузивен раст, бидејќи обезбедуваат еднакви можности за најранливите, како и вложување во раниот детски развој.
Министерката Царовска учествува на обуките за социјална работа и заштита коишто се одржуваат во Светска банка. Царовска претходно имаше воведно обраќање на министерската панел дискусија „Политичко економски фактори во реформите и спроведувањето на социјалната заштита“ во седиштето на Светска банка во Вашингот.