Во 16 часот денеска ќе се направи пресек колку ученици се со физичко присуство, а колку сакаат да посетуваат онлајн заради различните причини кои се дадени во планот за спроведување на настава, информираше денеска министерката за образование Мила Царовска на првиот училишен ден во ООУ „Панко Брашнаров“ во Велес.
-Тоа значи дека ние како МОН на дневна основа како минатата година така и оваа година ќе известиме преку апликација. Собираме податоци од секое школо колку ученици и наставници се во училница, колку се онлајн, колку се појавиле со позитивен Ковид-19 и како излегла Епидемиолошката служба што сме утврдиле дали во изолација или не. Така што истиот систем од минатата учебна година е воспоставен и оваа година и многу редовно и медиумите и граѓаните ќе бидат известувани со детални бројки и податоци, појасни министерката Царовска.
Таа воедно информира дека во Тетово и Гостивар заради епидемиолошката состојба во тие градови се префрлени две недели на онлајн настава, а по препорака на Комисијата за заразни заболувања. Во Струга и Кичево исто така започнуваат со онлајн настава но не две туку една недела.
– Сите ученици треба да започнат со настава нема одложување на наставата, туку имаме онлајн учење само кај учениците од овие четири града, за две односно една недела со тоа што после тоа се преоценува состојбата на Главен координативен штаб согласно препораките на Комисијата за заразни болести, иако треба да се менува во делот. Исто така и за целиот образовен систем во дневна комуникација сме со Комисијата за заразни болести ги известуваме за сите предизвици како ќе даваат насоки така и ние ќе постапуваме. Системот е подготвен преку еден ден да се префрли во онлајн учење доколку е тоа потребно.Но тоа е најмалку посакуваното сценарио. Затоа сите наставници и родители и ученици да бидеме одговорни и посветени да се држиме до протоколите, да се штитиме себе и тие околу нас,за да можеме да останеме подолго во училиште, порача министерката Царовска.