Состојбата со КОВИД-19 во училиштата е апсолутно стабилна. Процентот на позитивни нови случаи на дневно ниво се движи помеѓу 0,01 и 0,03, а вкупниот број активни случаи е околу 0,3 отсто од вкупно 255 илјади ученици кои следат настава со физичко присуство, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека поради стабилната ситуација останува првото сценарио – физичко присуство и дека состојбата постојано се следи.
Доколку Комисијата за заразни болести понатаму има различни информации и ако се случи нешто поинаку, рече таа, МОН е подготвено да реагира и да го промени сценариото односно моделот на настава. Дотогаш, нагласи Царовска, во најголем интерес на учениците е училиштата да бидат отворени.
Во однос на вакцинацијата, како и минатата недела министерката повтори дека околу 75 отсто наставници се вакцинирани, дека е тоа речиси двапати повеќе од националниот просек на вакцинирани, и посочи дека нема значителен отпор кај вработените во образованието кои, како и јавниот сектор, ќе бидат опфатени со мерката што ја предлага Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација или еднаш неделно приложување негативен ПЦР-тест.
-Значителен отпор не се јавува. Секако дека над тој процент е и процентот на тие што прележале и сметам дека во момент кога ќе се носат одлуките, ќе има решение за секој еден што е во системот на образование, додаде Царовска во изјава за медиумите по промоцијата на проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.