Вложувањето во менталното здравје на учениците е значајно не само за денес, значајно е за иднината на државата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во емисијата Објектив на Македонската телевизија.
Ако ние изградиме силни личности коишто имаат стабилна психолошка состојба, потенцира министерката, тогаш ќе очекуваме дека понатаму државата ќе ја водат истите тие изградени и стабилни личности.
-Училиштето не е само зграда, не е само простор што е на општината, училиштето е место кадешто создаваме граѓани кои понатаму ќе ја водат државата, рече Царовска.
Според неа, како општество не водиме голема грижа за ментално здравје, и тоа, нагласи, треба да се промени.
-Тоа ќе го видите во дадени моменти кога се зборува за насилство, исклучиво се зборува дека станува збор за насилство во домот, па ние имаме борба да докажеме дека насилството не смее да се случува на ниедно место. Имате цели институции кои не постапуваат во моменти на насилство, што укажува за системска негрижа за менталното здравје, како да тоа не е дел од целото здравје или од целосната благосостојба. Тој дискурс полека го менуваме, рече Царовска.