Со новата концепција за основно образование која е во завршна фаза, освен што ќе учат за толеранција, мултикултурализам и прифаќање на различните од себе, учениците уште од основно образование ќе стекнуваат знаења за родова еднаквост, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која денеска учествуваше на завршна конференција за намалување на родовите стереотипи во образованието, организирана од Институтот за човекови права.
Стереотипите и дискриминаторските содржини во учебниците негативно влијаат на развојот на младите луѓе и создаваат општество коешто ќе биде дискриминаторско.
– Тргнавме од тоа дека системски треба да се надмине ова прашање. Вистинска реализација на програмите за намалување на стереотипите е преку суштинска промена на наставните материјали. Веќе подготвуваме целосно нов систем, а во подготовката на наставните материјали ќе се вклучат не само високообразовните институции и наставниот кадар, туку и граѓанските организации. Во предметите што ќе се изучуваат ќе бидат вклучени и граѓанските вредности што нашето општество очекуваме да ги има, рече Царовска.
Министерката посочи и дека е важно зајакнувањето на психолошко-педагошката служба, која треба да им биде партнер на учениците во соочувањето со стереотипите.
– Заедно со наставниците, психолошко-педагошката служба има важно место во создавањето квалитетно образование. Треба да биде служба којашто со знаење и со капацитет може да ги надминува предизвиците со кои се соочуваат учениците. Современите психолошко-педагошки служби треба да бидат поддршка и партнери во надминување на сите предизвици во современото живеење на младите генерации, но исто така треба да ги припремаат учениците за она што значи соочување со овие стереотипи и како заеднички да ги менуваат оние пракси што досега биле создавани, рече Царовска.