Го зголемивме опфатот на деца кои ќе користат детски и образовен додаток за 20 пати, изјави министерката Мила Царовска во Берово, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Таа денеска во Берово на средба со вработените во Центарот за социјална работа, пензионери и со граѓани ги објасни придобивките од пакет законите за социјална и за детска заштита за најранливите категории граѓани и за лицата со попреченост.
– Институциите треба да станат сервис на граѓаните, а тоа го овозможуваме со бројните реформи во системот за социјална заштита кои се на гласање во Собранието. Со законите за социјална и за детска заштита ги унапредуваме правата на лицата со попреченост. Го зголемуваме опфатот на деца кои ќе користат детски и образовен додаток за 20 пати и социјално ги обезбедуваме старите лица кои немаат никакви приходи, рекла министерката Царовска, соопшти МТСП.
На средбата се разговарало за подобрување на условите за згрижување на стари и на лица со попреченост, зголемувањето на социјалните права, растот на платите и социјалните реформи, беа темите на денешната посета на Царовска на Берово.
Таа во Берово имала средба и со градоначалникот Звонко Пекевски и ги посетила и Дневниот центар за лица со посебни потреби, малиот групен дом и Домот за стари лица „Иван Влашки“.