Едно одделение со 21 ученик во прилепско основно училиште од денеска е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него, пренесе Вечер.
Според Каролина Николоска, советник за образование во прилепската локална самоуправа одделението ќе следи онлајн настава.
– Учениците од деветто одделение ќе следат настава онлајн, а петте предметни наставници ќе предаваат онлајн додека се во изолација. Инаку, во сите основни и средни училишта наставата се одвива без проблеми и застој, вели Николоска.
Во Охрид пак, цело одделение ученици од седмо од охидското училиште „Христо Узунов“ оди во изолација, затоа што еден ученик е позитивен на ковид-19, објави „Охрид 1“.