Низ целиот свет се води кампања за намалување на бројот на пушачите и за заштита на здравјето на граѓаните, а владите тоа го прават со покачување на цената на цигарите. Сведоци сме на фактот дека се зголемува цената на пушењето, која освен со здравјето, пушачите ја плаќаат и со честото поскапување на цигарите.
Владите скоро во целиот свет се обидуваат да ги одвратат пушачите од овој порок, поради тоа што пушењето предизвикува повеќе здравствени проблеми.
Најдалеку во овој поглед е Австралија, која е апсолутен лидер, и каде за пакета Марлборо се плаќа 16,8 евра. Блиску до тој износ е Нов Зеланд, каде за истата марка цигари, за една пакета треба да се плати 14,9 евра.
Иако досега цигарите во САД беа значително поевтини во однос на Австралија, ситуацијата и таму се менува, бидејќи градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, ја подигна цената, па стандардна пакета, наместо доскорешните 8,5 сега чини 11 евра.
Наспроти тоа, земја во која цигарите се најевтини е Казахстан, бидејќи таму за пакета Марлборо се потребни замо 0,9 евра, односно околу 55 денари. Цигарите се евтини и во Виетнам, Украина, Филипини и Пакистан, каде за една пакета Марлборо се потребни околу едно евро или 62 денари.
Австралиските власти најавија дека цигарите уште ќе поскапуваат, поради зголемени трошоци за тутунот од 12,5 отсто. Австралија се наоѓа на трето место на светската ранг листа на најскапи земји за цигари и алкохол. На водечката позиција се Јапонија и Нов Зеланд.
Кога станува збор за европските земји, цигарите се најскапи во Норвешка, каде една пакета Марлборо се плаќа 11,58 евра или околу 700 денари. Според цените следат Ирска, Велика Британија и Исланд, каде цените се пониски за околу едно евро.
Украина, која се наоѓа на листата на земји со најниски цени, е на прво место во Европа според цената на цигарите. Следуваат Белорусија, Молдавија и Русија, каде цените се движат помеѓу 1,18 и 1,66 евра.
Кога станува збор за цените на цигарите во земјите од нашиот регион, цигарите се најскапи во Словенија, каде пакета Марлборо чини 4 евра, а најевтино за истите цигари 1,95 евра се плаќа во Македонија. Во Црна Гора истата марка цигари чини 2,55 евра, во БиХ 2,56, а во Хрватска 3,52 евра. Србија, исто така спаѓа во земјите со најевтини цигари.
За пушачите кои летово одат на одмор во медитеранските земји, еве колку чини пакета од истата марка која е земена за споредба: во Албанија 2,41 евро, Турција 2,42 евра, Грција 4,20 евра, а на Кипар 4,70 евра. Најскапи цигари од медитеранските земји се во Шпанија, Италија и Малта. Во Шпанија за пакета Марлборо се потребни 5 евра, во Италија 5,2 евра, а на Малта 5,6 евра.