Дарко ЈАНЕВСКИ

Зошто не успеа Илинденското востание? Што мислеле за неуспехот тие што учествувале во него? Какви биле размислувањата на Ѓорче Петров, Јане Сандански, Васил Чакаларов, Михаил Герџиков за пропаста на востанието со што е закопана идејата за автономна Македонија на целата нејзина територија?

ВАСИЛ ЧАКАЛАРОВ

Оваа легенда на ВМРО од Костурско доживеал сериозно разочарување кога дознал дека всушност, надвор неговиот округ и надвор од Битолскиот револуционерен округ востание и немало. Во писмото до Лазар Киселинчев, напишано во понеделник на 22 септември 1903 година (стар стил), тој го наведува следното:

„Може со сигурност да се каже едека оттаму Леринско немало никакво востание, таму дури сега се агитирало и покрстувало. Четите таму се движат скришно и апсолутно никаков напад не презеле ниту имаат намера да сторат нешто. Четите, па и селаните, ги одбегнуваат средбите со костурските чети, за да не си навлечат некоја опасност. Исто е и во Прилепско, таму нема никакаво востание, ниту еден од Турците има некаде повреден. Прилепскиот раководител Петар Ацев бил многу лут, зашто костурчани направиле толку шумно востание и зашто воопшто востанале.

Натаму бил и Ѓорче Петров со една чета, но систематски избегнувал да се сретне со нас. Со него бил и Пере Тошев. И двајцата го осудувале штабот зашто побрзал да крене востание толку брзо. Тие се криеле по некакви непроодни планини и не преземале никакви дејствија, за да не им нарушело спокојството, дури избегнаа да се сретнат со нас. Од тоа нашите момчиња многу се разочараа, штом видоа дека таму нема никакво востание. Во Воденско дури ни една чета. Солунско, исто така. Само во Одринско се слушаат ѓурултии и сето тоа придонесе нашите да паднат во очај и да паднат со дух, а затоа многу придонесе и нивната голотија. На сите востаници облеката им е распарталена, до еден се боси, без опинци, додади ја кон тоа гладта и очајот е целосен.“

Всушност, Чакаларов не бил изненаден, туку бесен. А, како и не би бил, кога без збор ја прифатил одлуката за востание (всушност, то вршел голем притисок за кревање востание на Конгресот во Смилево, зашто гладот во Костурско бил перманентен), го кренал, ослободил многу села, плус градовите Клисура и Невеска, држејќи ги Турците надвор од нив многу подолго отколку што тоа го сториле крушевчани, за на крај да сфати дека Костурско и Битолско всушност биле сами. Тој бил во Смилево кога бил определен датумот за востание и гласал ‘за’, но веројатно последно што му паѓало на памет е дека на крајта ќе биде оставен сам.

Зошто тоа било така? Зошто востание имало само во Битолско и Костурско и со повеќе од споредни акции во сите други краишта на Македонија? Зошто немало ниту една акција во самите градови, како Солун, Скопје, Битола, Прилеп, Кукуш или Сер? Дали била во прашаwе само неподготвеноста поради која останатите окрузи не го кренале востанието или станувало збор за таков расцеп во редовите на ТМОРО што успешното востание било речиси илузија, а сето тоа довело до состојба во која битолските и костурските чети, заедно со населението во тие краишта, практично биле оставени на егзекуција на турските војски.

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Од Чакаларов не може да се дознае нешто повеќе за тоа. Но, затоа, Ѓорче Петров, една од клучните фигури на ВМРО за тоа време, пет години по востанието, зборувал токму за тој расцеп, и за различните погледи околу тоа дали Македонија е подготвена и дали треба да се крева востание:

‘Славчо Ковачев и Черноопеев мислеа дека треба да се дигне востание, зашто ако до тоа не дојде, се’ е изгубено. И во Битолско се заострија работите: аферите станаа многу чести. Опасноста дека турските власти ќе го соберат оружјето се засили и се повеќе се чувствуваше во Македонија. Нестрпливоста беше голема, посебно во Битолско. Тоа беше пошироката основа и тоа беа мотивите со кои се оправдуваше востанието.

Вистинската причина беше дека војводите и раководителите беа се повеќе уморни и многумина од нив поради тоа станаа нестрпливи. Личниот елемент одигра голема улога и тој може да биде еден од главните виновници за востанието. Некои од старите дејци едноставно беа уморни и нетрпеливи, други пак ги туркаа работите кон востание поради славољубие. Даме беше ме|у првите, Гарванов од вторите. Имаше убедувања и од тесноград карактер: Гарванов од Солун со писмо, а Славчо Ковачев тука на еден собир, усно ја лансираа лекомисленоста дека затоа што есента Цончевци подигнаа востание, тоа треба напролет да го сториме и ние за да не останаме поназад и за да не кажел народот дека не сме способни. Третиот мотив беше народот: нашите се уплашија од димензиите на својата рожба, немаа верба во населението дека тоа нема да се уплаши и на крај се да пропадне’, раскажувал Ѓорче Петров.

Според него. есента 1902 година, Иван Гарванов веќе имал одлучено да се крене востание и за тоа се советувал со луѓе за кои сметал дека ја поддржуваат таа идеја, како Атанас Лозанчев. Клучна пречка му биле Ѓорче Петров и Гоце Делчев. Овој последниов на едно заседание во Софија во декември 1902 г. на кое присуствувале околу 20 мина видни членови на организацијата (меѓу кои и такви како Христо Матов, Христо Татарчев, Борис Сарафов и др.) толку се изнервирал што целиот бил испотен и постојано фучел. Тој отпор на Ѓорче и Гоце предизвикал паника кај Гарванов во Солун, но и во Битола каде се уште се надевале на востание со општа согласност што би значело дека ќе се крене цела Македонија, а не само еден нејзин дел.

Интересно е што најгласни за кревање востание беа тие што потоа не учествуваа во него, закључил Ѓорче, иако не е јасно на кого мислел кога го искажал ова.

ЈАНЕ САНДАНСКИ

Царот на Пиринска Македонија е уште еден од од противниците на востанието. Сандански, кој по смртта на Делчев останал единствен на територијата се до до Сер, воопшто не бил воодушевен од решението во Солун за кревање на востание. Го сметал за ујдурма на Гарванов и сарафовци, како што ги нарекувал приврзениците на Борис Сарафов и решил да го бојкотира решението спроведувајќи ја својата замисла според која треба да дејствуваат само четитите, но не и населението. Сепак, и тоа дејствување на четите се свело на неколку половични акции, кои со оглед на погромот што се случувал во Битолско и Костурско, не вреди ни да се споменат. Меѓутоа, Сандански сметал дека решението за востание е толку сериозна грешка, {то во спомените вели дека душата му се скршила кога дознал за тоа:

„Тоа беше на јануари 1903 година. Бев повикан во Серес за една многу важна работа. Поминавме преку Сингартиите, Либјахово, Ловча, Броди, Дутли. Тука дојдоа учителите Лазар Димитров, Ангел и Ѓорги Динев, и ни јавија дека во Солун се решило да се крене востание. Тоа беше како вистински гром да ме погодил. Паднав сосема скршен, не можев да одам. Пред да дојде она првото писмо во кое ме прашуваа за востанието, бев сосема поинаков, не чувствував ниту измореност, ништо… И се искажавме против кревањето востание, и јас во Јучдјурук испратив писмо со одговор. Им пишував и во Разлог и тие да се изјаснат, и тие се изјасниле против, и единствениот делегат од Серез во Солун бил против кревањето востание. Спомената вест морално не отепа; сосема друго мислевме за Организацијата, друго агитиравме, а сосема поинаку излегуваше. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам. Ги оставив момчињата да агитираат. Просто плачевме…

По атентатот врз тунелот (кај Ангиста што претставува последна акција на Гоце Делчев, н.з.), Делчев отиде во Солун, божем да ги разубедува да не креваат востание. Тогаш се дозна дека битолчани не сакале веќе да чекаат. Тогаш реков дека штом битолчани веќе не сакаат да чекаат од оваа страна на Вардар ќе треба само четите да дејствуваат, а народот на ниту еден начин да не се крева на востание… На селаните им велевме дека треба да ни ги дадат тие работи што ни требаат и ништо пове}е од нив нема да се бара. Им забранувавме да востануваат, велејќи дека само ние четите ќе дејствуваме колку што можеме… Два три дена заседаваме во Пиринско, кај Ливадката и решивме никој да не го вовлекува населението во борба, туку секој да гледа да стори колку што може. И тогаш ре{ивме да го кренеме во воздух демирхисарскиот мост, а ако може да нападнеме и на градот. Го пративме потпоручникот Васил Ангелов со демирхисарската чета да проучат што може да се направи бидејќи аскерот варди од двете страни. Датата на востанието кога ќе започнеме со терористичките акции беше одредена за 14 септември – Крстовден.“

Тоа е исповедта на Сандански. Пиринскиот цар се кренал на востание еден месец и два дена по смртта на Питу Гули, половина месец по падот на Смилево, девет дена по последната битка на Чакаларов кај Грамос кога неговите востаници, притиснати од османската војска која слободно надоаѓала од сите страни, почнале да напуштаат и една битка со Арнаутите, па војводата резигнирано запишал:

”Вчерашните херои се преобразија во страшливци и треба човек со сила да ги тера за да им се придружат на своите војводи и да си ги заземат местата; некои од нив дури натепав, а по некои стрелав со пиштолот во воздух за да ги исплашам.“

МИХАИЛ ГЕРЏИКОВ

Истовремено, во Солунско, Скопско, во источниот дел на денешна Република Македонија, речиси и да не бил испукан куршум, иако секаде ќе се најде по некоја чета која се обидувала нешто да направи. Но, востание речиси и да немало надвор од Костурско и Битолско, и тоа не само во Македонија туку и во Одринско, каде акциите започнале дури на Преображение, безмалку три недели по Илинден. Главниот организационен војвода за тој крај, Михаил Герџиков, раскажувал дека всушност во Одринско и не било време да се крева востание.

‘За револуционерно движење во овој крај уште не се зборуваше. Од своја страна политичките прилики не беа поволни. Русија не сакаше да допушти едно такво движење пред Цариград, бидејќи овој праг го држење слободен за себе. Прашање беше дали Европа е подготвена како во 1876 г. на потиснатите да им помогне. Ете затоа и јас по решението во Солун бев против востание…“

И покрај ваквиот став на Герџиков, работите не оделе како што треба. Но, за разлика од македонските револуционери, овој Одринец вина за тоа наоѓа и во судбината:

„На 22 април 1903 година (стар календар), Делчев беше убиен. Судбината отстрани една голема пречка во борбата против решенијата на Солунскиот конгрес“ велел Герџиков.

Во мај, тој веќе ја добил одлуката на Смилевскиот конгрес. Бев изненаден, се сеќавал подоцна. Но, морал нешто да преземе и затоа организирал Конгрес на Петровден кој траел четири дена. Сите се согласиле дека одлуката за востание е повеќе од ризична, но дека сега тоа мора да се крене. Одлуката Герџиков ја објаснил со прашањето:

„Бидејќи Македонците се дигаат сега, дали ние Одринците по две-три години ќе можеме сами да востануваме?Е

Единствениот на тој Конгрес кој бил против востание, Катерински од Свиленград, Одринци го затвориле во една колиба, Но тоа не го решило проблемот. Македонците неподготвени донеле одлука за востание, кое потоа повлекло исто таква одлука и во Одринско, иако таму состојбата со подготвеноста била полоша дури и во однос на Македонија. Затоа Герџиков се трудел востанието да започе подоцна, што е уште една од низата грешки.

„Знаев кога почна Илинденското востание. Но од таквите причини не брзав и ние да кренеме востание; чекавме турската војска да замине за Македонија и потоа да востанеме.“

Така се дошло до ситуација во која востанието било вистински кренато само на еден помал дел од територијата на Македонија. Последците биле страшни, колку поради убиствата и разуранувањата толку и по иднината на Македонија. Востанието довело до т.н.„Мирцтегштки реформи“, а нивното бавно и нецелосно спровдување до средбата меѓу англискиот и рускиот крал во Ревал во 1908 година (денешен Талин, Естонија), кога двајцата монарси се согласиле дека македонското прашање треба да се реши со автономија. Таа средба пак била непосреден повод за Младотурската револуција, која спротивно на тоа што некои исторски неуки личности во Македонија пропагираа во изминатото, не и донела ништо добро на Македонија. Напротив, на пример, турската историја е едногласна дека таа само ја ослабила империјата, довела до Балканските војни и до дефинитивната поделба на Македонија.

Тоа се сведоштвата за тој период од македоснкаат историја. Дали тоа ја намалува вредноста на востанието и херојството на учесниците? Не, се разбира. Но, може да послужи како лекција за иднина и за тоа како треба или не треба да се преемаат судбоносни и крупни одлуки. Нормално, за разумен човек, не за оние кои сметаат дека од минатото треба да се ослободиме.