Турција синоќа и понуди на Ерменија првата рунда преговори за нормализација на односите меѓу двете земји да се одржи во Ереван, јавува турската агенција Анадолу.
-Ние и понудивме на Ерменија првиот состанок да може да се одржи во Ереван, но Ерменија сè уште не е подготвена за тоа поради внатрешни притисоци, рече шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, на заедничката конференција на министрите за внатрешни работи и надворешни работи на Турција и Австрија во Анкара.
Чавушоглу изјави дека ерменската дијаспора е поделена во однос на процесот на нормализација на турско-ерменските односи.
Тој додаде дека во Ерменија имало демонстрации на одредени екстремистички групи во врска со процесот.
Чавушоглу изјави дека Турција се консултира со Азербејџан за секоја фаза од процесот на нормализација и дека сака процесот да продолжи постепено. Тој рече дека Турција ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Ерменија и Азербејџан.
Турското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека ерменскиот и турскиот претставник за нормализација на билатералните односи се договориле на состанокот во Виена „што е можно поскоро“ да се отвори копнената граница меѓу двете земји за граѓаните на трети земји.