Саудиска Арабија треба да соработува во турската истрага за исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги и да им овозможи на турските претставници да влезат во конзулатот во Истанбул, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за време на посетата во Лондон.
– Ние се уште не сме виделе соработка на оваа тема и сакаме да ја видиме, истакна турскиот министер зЧавушоглу во изјавата објавена на националната телевизија.
Кашоги (59) исчезна на 2 октомври откако влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските власти тврдат дека тој е убиен во Конзулатот, додека официјален Ријад тврди дека новинарот ја напуштил зградата неповреден.
Кашоги, кој од лани живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.
Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-те години на минатиот век дури се обидувал да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.