Руските сили вчера се обидоа да ги пресечат важните рути за снабдување на источниот украински град Бахмут, вршејќи поголем притисок врз одбранбените сили, соопштија украинските власти.
Портпаролот на украинската армија Серхиј Черевати изјави дека во последните 24 часа се регистрирани 13 напади на Бахмут.
– Главната цел на непријателот во секторот Бахмут е да ги пресече комуникациските патишта. Но, благодарение на постојаната противбатериска борба можеме да доставиме залихи и да ги евакуираме нашите ранети, рече Черевати.
Десет месеци руските единици се обидуваат да го освојат разурнатиот Бахмут, град кој некогаш имал околу 70 илјади жители и кој го гледаат како „отскочна даска“ за напади врз други градови, додека Киев се обврза на негова одбрана.
Руското Министерство за одбрана соопшти за успеси против украинските сили во различни сектори, но не го спомна директно Бахмут.
Извештаите не се потврдени од независни извори.
Украинскиот воен аналитичар Олександр Мусијенко рече дека во жестоките борби, областите брзо преминуваат од „рака во рака“.
– Украина успешно изведува локални контранапади, што им отежнува на Русите да го заземат Бахмут, изјави Мусијенко за украинското радио НВ.
Евгениј Пригожин, водачот на руската платеничка група Вагнер, која дејствува заедно со руската армија во областа Бахмут, претходно изјави дека се шегувал кога рекол дека неговите сили ќе го прекинат огнот за да им дозволат на украинските сили да им го покажат градот на американските новинари.