Заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни односи, Весела Чернева вели дека не е оптимист за проширување на ЕУ за оваа година и додадава дека најмалку 4 земји се против проширување, но дека се дозволило Бугарија да ја заврши, како што рече „валканата работа“.
Таа за бугарски „Дневник“ чии изјави ги пренесуваат повеќе македонски медиуми, вели дека промена во ставот на Бугарија може да се случи само ако се смени власта после изборите во март, бидејќи според неа овој состав нема желба да го реши проблемот.
– Можно е да има придвижување на спорот меѓу Скопје и Софија само ако има промена на владејачката коалиција во Бугарија. Конкретно за Северна Македонија не гледам дека оваа Влада има желба и намера да прави што и да било до март, така што за напредок можам да зборувам најрано за средината на годината, рече Чернева која појасни што може да се очекува годинава
-Не сум оптимист за оваа година. Мислам дека ќе биде многу тешко да се постигне напредок. Концептот за проширувањето ќе биде разгледан политички, затоа што ако само кажеме дека проширувањето постои, а во практика е невозможно да се исполни, тоа ги демотивира земјите кандидати. Пристапот „ние ги лажеме дека ги сакаме, тие не лажат дека веруваат“ – повеќе не функционира, оценува Чернева.
Според Чернева, Бугарија не е сама во стопирањето на процесот на проширување, туку таа само ја завршила „валканата“ работа.
„Постојат најмалку уште четири земји кои се скептични кон него, но немаше потреба да се прави ништо затоа што Бугарија ја заврши валканата работа“, вели Чернева за бугарски „Дневник“.
Дипломатски извори од Брисел за „Дневник“ навеле дека и други земји (без нивно именување) всушност ја прифаќаат позицијата на Софија, бидејќи тоа го блокира процесот.
Португалија можеби не е меѓу нив, но нејзината агенда е поинаква, стои во изјавите на Чернева за Дневник.