Македонскиот ракометен тим на РК Е.Пелистер го пречекува шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха во рамките на првото коло од групната фаза во ЕХФ Европската лига.

Натпреварот ќе се одигра утревечер со почеток во 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Новиот тренер Лино Червар ќе дебитира на европски меч на битолската клупа.

„Нè поставија како фаворити пред Гумерзбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно.

Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа; играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила“, изјави Червар.

Искусниот 76-годишен стратег пак ја апострофира одбраната како клучен фактор во овој натпревар.

„Посебно важна е нашата одбрана. Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас.

Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб; ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката.

Публиката е нашата сила, наш играч повеќе. Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме голема енергија, желба за победа — тоа е исклучително важно.

Страста за победа дава дополнителна енергија. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Еурофарм Пелистер, затоа сум тука“, заврши Червар,