Владата на Чешка привремено ќе ја врати контролата на границата со Словачка поради зголемената илегална миграција, изјави синоќа министерот за внатрешни работи, Вит Ракусан.
Според него годинава 1.200 отсто повеќе луѓе илегално ја минале границата, главно од Сирија.
– Од почетокот на 2022 година, полицијата приведе 11.000 илегални мигранти. Има транзитна миграција, огромното мнозинство од овие луѓе сакаат да заминат во Германија. Тоа предизвика нервоза и на германската страна на границата, посочи Ракусан.
И Чешка и нејзините соседи се членки на Шенген зоната. Се проценува дека околу 300.000 воени бегалци од Украина, кои не се вклучени во податоците за илегалната миграција, се населиле во Чешка.