Чешката, меѓу другите славистики, советската, англиската, француската, словенечката и други, покажува интерес за македонскиот литературен јазик преку првата Македонска граматика, јануари 1946 година, од проф. Круме Кепески. За славистичкиот часопис Slavia, Praha, XIX, 49-50, стр. 230-232 рецензијата ја дава познатиот славист А. Фринта, покажувајќи ја структурата на македонскиот литературен јазик, карактеристиките и вредностите на Граматиката. Најчесто, покажувајќи ја разликата на македонскиот литературен јазик со бугарскиот што може да се согледа во самата рецензија, дадена во прилог. (Ј. К.)
А. Фринта
Круме Кепески: Македонска граматика
Второ поправено и надополнето издание
(Државно книгоиздателство на Македонија, Скопје 1947, стр. 78)
Не земајќи ги во обѕир повеќето збирки народни песни од Македонија, во втората половина од 19 век биле употребувани разни говори од нејзините словенски жители – и тоа во неколку поетски книги, а во почетокот на 20 век и во прозни творби, како и во седум народни пиеси за театар. Но тоа биле само ретки обиди, додека пак вистинските, родени Македонци што станале писатели или учени луѓе а што живееле како емигранти во Бугарија пишувале на јазик што имал веќе развиена литература. Притоа, во денешна југословенска Македонија, службен јазик бил турскиот, односно во црковниот живот грчкиот јазик, а од 1919-1941 исклучително само српскиот јазик.
Основен пресврт настанал по последната војна кога по востанието во Македонија од 1941 год., во кое се бореше македонскиот народ против германскиот окупатор, на 29 ноември 1943 год., во Јајце, на историското собрание на народите, Македонците беа прогласени за посебен народ, што беше потврдено и на заседанието во манастирот Св. Прохор Пчински на ден 2 август 1944 година. По победата, односно по 1945 година Македонија влезе во европската историја како федеративна република на нова Југославија. Во самостојниот живот на народот, се разбира, спаѓа и неговиот литературен јазик, а тој за оваа југословенска територија произлегол со брзото приспособување на централните говори како што се зборува на југозапад од Вардар, во околината на градовите Битола, Прилеп, Кичево, па сé до Велес, значи, во никој случај не говорот на главниот град, Скопје. Карактеристичниот знак на избраното наречје е постојаниот акцент на третиот слог од крајот на зборот.
Првата и досега единствена граматика на овој словенски литературен јазик ја напишал проф. Круме Кепески во 1946 година и таа била одобрена од Министерството за просвета на Македонија за средните училишта. Бидејќи била веднаш распродадена, била издадена по вторпат во неизменета форма, само со мали дополнувања и поправки на печатните грешки (не на сите!). (Печатена е во печатница во Ниш што ги објаснува грешките – н. заб.) Авторот ветува побогат материјал за третото издание. Истовремено тоа е и учебник, што го покажуваат и содржината и карактерот на книгата. Во воведот има излагања за соодносот народ-наречја, за литературниот јазик и за појавата и местото на македонскиот јазик меѓу словенските јазици, потоа за реченицата, зборот, слогот и за гласот. Следува азбука од 31 буква за секој глас од дадениот јазик, при што се преземени лигатурите љ, њ и буквите ј, џ (дж) од српската кирилица , ѕ (=дз) од првобитната бугарска кирилица и дијакритичните ќ, ѓ, карактеристични палатални согласки од прасловенските тј, дј, и туѓото кј, гј (пишувани во лични имиња наместо српските ќ, ѓ од црковнословенскиот). Бидејќи се употребуваат и две букви за групата шт и не се сретнува тука самостојното ъ, македонската азбука графемски ú е многу поблиска на српската отколку на бугарската кирилица, што е поприродно од јазични и државно-политички причини. Недоследна е двојната функција на апострофот што треба да означува темна самогласка во турските и дијалектните зборови : к’смет, в’на, а и слоготворност на согласката р. На почетокот на почетокот на зборот: ‘рж (=rs – rez), ‘Рлевци и сл. (внатре во зборот апострофот не се употребува: црвен и сл.).
Граматиката во првиот дел, во првото поглавје, ја содржи ф о н е т и к а т а, односно општи излагања за артикулацијата и за поделбата на гласовите, каде е и дефиницијата на звуците (која не одговара), таканаречените „самогласки“, каде кон нив се вбројува и р, а е одделено од сонантите ( „т.е. непарните единечни согласки) кон кои е додадено и в, иако понатаму е точно наведено и како „звучна согласка“ кон незвучната ф. Потоа се разгледуваат разни случаи на асимилации на согласките, од кои повеќето не се изразуваат со правописот. Меѓу носните согласки не е наведена носната согласка њ, за палателални се наведуваат и ж,ш,ч,ѓ. Потоа наведени се правописните правила (според, во посебна брошура издадениот: Македонски правопис, Државно издавачко претпријатие, Скопје 1945, стр. 20; Авторот наведува дека Правописот се базира врз основа на фонетскиот принцип (но не доследно) и бил одобрен на 7 јуни 1945 год. од министерот за просвета Н. Минчев. Измените, изведени од посебна комисија на 4 март 1948 год. се однесуваат повеќе на фонетиката и на морфологијата) (само за употреба на големите букви и за делењето на зборовите на слогови), дадено е објаснување за акцентот (кој графемски се означува само кај хомонимите: ú – заменка наспрема сврзникот и, сé – наспрема повратната заменка и 3.л.мн. од – глагол сум).
Вториотдел, наречен е т и м о л о г и ј а, се занимава со потеклото, изведувањето и со образувањето на зборовите со суфикси. Третото поглавје, м о р ф о л о г и ј а т а ја опишува деклинација (кај именките, трите прости падежи во еднина : номинатив, акузатив и вокатив, кај заменките, номинатив, датив и акузатив) при што се изнесуваат и некои промени во фонетиката, кои некогаш не се изразени правописно (на пример, крајното х беше заменето со лабиоденталното ф, но се пишува на пр., грав а во множина гравои (гравов – гравови без објаснување, дали се изговара тука – фои или вои). Кај именките се среќава троен член добиен со постпозитивна употреба на заменките: т, он, ов: човекот, жената, детето; човекон, женана, детено; човеков, женава, детево). Придавките имаат само именски форми, освен кај типичната наставка – ски и кај архаизмите: мили (ед. вокатив), горни и сл., како и кај редните броеви (петти итн. со двојно т, со членот: првиот). Од заменките, 1. лице се пишува: јас, карактеристична е употребата на двете форми во падежите: мене ме, тебе ти, вас ве, ним им и сл. Не е наведено како се прави генитивот и воопшто недостасува деклинацијата на заменката (ж.р) која, мн. кои (зошто не: који?). Системот на заменките во македонскиот јазик (наспроти во бугарскиот) е зголемен со нови квалитативни форми (ваков, таков, онаков) како и квантитативни (олкав, толкав, онолкав), употребувани според оддалеченоста од говорителот. Збогатен е и глаголскиот систем, особено со неколку кондиционали, иако настанале со формална униформација, сововедување на наставката – ам во 1. л. сег. вр. кај сите глаголи (освен кај помошниот глагол, сум). Поделбата на три групи не е направена секаде по ист ред: на стр. 53 А-И-Е, на стр. 56 А-Е-И. Не се употребуваат постојаните стручни латински имиња, или пак грчки (импф., аорист и сл.), а некои излагања би требало да стојат во синтаксата, која го образува следното поглавје. Таму се разгледуваат членовите во реченицата (називите се некогаш означени така што нé потсетуваат на чешките: подмет, прирок, а различни од бугарските!), потоа видовите на реченици и редоследот на зборовите. Во тој контекст, на крајот на Граматиката се додадени правила за интерпункцијата. Излагањата за правописот се некако расфрлани низ целата книга.
Граматиката на Кепески им одговара целосно на првите потреби на македонските ученици (гимназијалци) – за учениците од нижите училишта, излезени се од печат убави буквари со слики, но сигурно ќе биде издадена потполна научна граматика во најскоро време, која ќе придонесе кон зацврстувањето и усовршувањето на најмладиот југословенски литературен јазик. Тој е прв случај на еден литературен јазик, веднаш по појавувањето, да му биде доделена функцијата државен јазик, кој се слуша и на радио и во театар! Се разбира, потребен е и речник, на кој работи посебна комисија, со голем напор, но со мал број домашни работници (филолози).
(Превела од чешки јазик проф. д-р Донка Рос)