Македонското друштво „Илинден”- Тирана денеска официјално испрати честитка до претседателката Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор изразувајќи и голема поддршка од име на Македонците.
– Со особено задоволство, во името на Македонско друштво “Илинден”-Тирана и во името на македонското национално малцинство во Република Албанија, Ви ја честитам големата победа за претседател на Република Македонија, која ја покажа својата зрелост со одржувањето на мирни и демократски избори, стои во честитката.
Се наведува дека историската победа на претседателските и парламентарните избори, одржани на 8 мај 2024 година „означува ново поглавје за Република Македонија, влевајќи надеж и оптимизам за посветла иднина”.
– Имате огромнa поддршка од Македонците во Република Албанија, затоа што напредокот и благодатта на македонскиот народ во Република Македонија претставува поттик за истрајност во напорите за негување и промоција на македонскиот етнички, јазичен, културен и историски идентитет на Македонците во целиот свет. Почитувана Претседателке на Република Македонија, Ви упатуваме изрази на највисоко почитување, се нагласува во честитката на МД “Илинден” потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.
Фото: МД „Илинден“