По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, денеска повеќе делегации положија цвеќе пред споменикот на свети Кирил и Методиј во универзитетскиот кампус „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Цвеќе положи владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, во чиј состав беа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска и министерката за култура Ирена Стефоска.
– Со положувањето цвеќе во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одбележува просветителската мисија и извонредната улога, која браќата Кирил и Методиј ја имаат во историјата и културата на Европа, светот и С. Македонија, а изразена преку нивната мисија меѓу словенските народи во деветтиот век. Низ тој процес била создадена и првата азбука – глаголицата, од која подоцна ќе се создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо, соопшти владината прес-служба.
Цвеќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски и пратениците Дарко Каевски и Велика Серафимовска-Стојкова.
Ппред споменикот на светите браќа, патрони на првиот државен универзитет во Скопје, цвеќе положи и делегација од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.