Зоран Заев по повод празникот 24 Мај – Денот на сесловенските просветители упати писмо со честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан, до Синодот, свештенството и монаштвото, како и до сите православни верници во нашата земја.-Во мое лично име и во името на Владата на Република … Македонија, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во нашата земја Ви го честитам големиот празник денот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, учители словенски. На 24 Мај, Денот на сесловенските просветители го одбележуваме епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј, благодарение на кое македонскиот народ, но и останатите словенски народи самоуверено зачекорија на светската цивилизациска сцена, вели Заев во честитката.

Додава дека ова е исклучително значаен цивилизациски процес во чијшто темелот е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.

-Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени, а во тој дух на отвореност денес оддаваме почит на нивното дело заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивното дело и наследство и ја слават со достоинство и чест,  напиша Заев.

Тој додаде дека за извонредното значење на мисијата на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – единствени во различноста.-Водени од космополитските начела на Светите браќа и нивните ученици, кои спроведоа широка културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои особено е значајна нашата Светиклиментова охридска школа, да покажеме визионерство и преку употребата на алатките кои современата технологија ни ги нуди да се справиме со образовните предизвици на нашето време. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј!“, напиша Заев во честитката.