Во Карпински манастир или „Воведение на Пресвета Богородица” сместен во близина на кумановското село Орах, денеска ќе биде одржана панихида во чест на бранителот и херојот Чедо Додевски под мотото „Хероите живеат вечно“, соопштија од Синдикатот на полиција во Македонија.
Целта на панихидата и на маршот, се додава во соопштението, е да се промовира и тргне од заборав ликот и делото на Чедо Додевски.
– Чедо Додевски (Куманово, 1956 – Слупчане, Кумановско, 13 февруари 2001) бил македонски бранител, сообраќаен полицаец и учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Чедо Додевски посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Република Македонија, се наведува во соопштението.
Почесен гостин на настанот, најавуваат од Синдикатот на полиција во Македонија, ќе бидат митрополитот Кумановско – осоговски г. Григориј и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Фото: МИА архива