Македонската заедница во Германија денеска положи венец на гробот на првиот германски амбасадор во независна Македонија, Ханс Лотар Штепан кој почина на денешен ден пред 10 години.
– Штепан беше еден од најголемите лобисти за вистината на Македонија и активно работеше на запознавање на европската и светската јавност со македонското прашање. Беше автор на книгата „Македонскиот јазол“ која доживеа неколку изданија на германски, македонски и англиски јазик. Со книгата „Македонскиот јазол“, Штепан преку архивски документи нѝ ја доближи вистината за судбината на македонски народ. Како борец за вистина и соочен со неправедно оспоруваната позиција на Македонија, особено интензивирана по распадот на југословенската федерација, Штепан ги ползуваше досиејата на Политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи, пронаоѓајќи во нив несоборливи аргументи против негаторските и асимилаторски политики на соседните земји на Македонија, истакнуваат од македонската заедница во Германија.
Ханс-Лотар Штепан беше роден на 16. ноември 1933 година во Кувертсхоф, Источна Прусија (денес Литванија). Студирал индустриско инжинерство на Техничкиот универзитет во Дармштад. Докторирал на економски науки и работел како научен асистент се до 1965 година кога се вработува во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. На дипломатска должност бил во Франција, Гвинеја, Финска и Југославија, а како амбасадор во Катар, Чад и Македонија. Почина на денешен ден (6.февруари 2011) во Бад Хонеф, Германија. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои наградата „Блаже Конески“, „Духовен воин на Македонија“, „Крсте Петков Мисирков“…