Паднаа маските, се потврдија лагите! Ни 24 часа не издржа лагата на Владата на СДСМ и ДУИ дека билатералните спорови со Бугарија нема да се услов за напредок кон ЕУ. Ни 24 часа не издржаа, кажа на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
-Денес се потпиша Протоколот со кој што Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок туку ќе преговара со Бугарија за својата историја. Денес во Софија е потпишан Протокол кој ќе биде дел од Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Со Протоколот на кој што стои потписот на македонското МНР, промената на историјата и промената на учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ. Оваа предавничка влада направи и се согласи за промена на историјата, и промена на учебниците поточно за отворена бугаризација како услов за напредок во европските интеграциите. И тоа јасно кажано денес, затоа што јасно беше кажано во Софија дека Протоколот станува дел од преговарачката рамка и дека соодветно неисполнувањето на задачите во тој Протокол Македонија ќе напредува или нема да напредува кон ЕУ, односно ќе се отвораат или ќе се затвораат поглавја. Наједноставно кажано доколку Македонија прифаќа бугаризација ќе напредува кон ЕУ, доколку не прифаќа бугаризација што е став на огромното мнозинство од македонски народ нема да напредува кон ЕУ. Лагите паднаа, маските паднаа. Исто така вистински скандал е тоа што Бујар Османи и оваа предавничка Влада го нема се уште објавено Протоколот кој што тие денеска го потпишаа. Иако со денови и недели Османи најавува негово објавување и споделување со македонската јавност, сепак и по потпишувањето на овој протокол кој се уште не е јавно објавен, јасно е дека се плашат да го објават затоа што се свесни какви лоши работи има во него и каква ќе е реакцијата на македонската јавност кога ќе види светлина на денот. Но, тој Протокол ќе се објави без разлика дали тоа ќе се случи утре, дали ќе се случи во вторник после сликањето во Брисел или во среда, во четврток, тој Протокол ќе се објави. И тој Протокол ќе е од интерес на македонската јавност не ден или два, не час или два, туку години и години нанапред затоа што тој Протокол го успорува напредокот на Македонија. Тоа е Протоколот кој што е камен околу вратот на Македонија, истакна Николоски.
Според Протоколот потпишан денес во Софија, на кој Бујар Османи и Бојан Маричиќ гордо застанаа јасно и гласно пишува дека вистинските преговори на Македонија со Европската Унија нема да започнат со сликањето, како што тоа го најави Ковачевски кое што ќе се случи во Брисел во вторник, туку ќе започнат после промената на Уставот на Македонија со цел вметнување на Бугарите во Уставот, и одржувањето на вистинската меѓувладина конференција, потенцираше Николоски.
-А, напредокот на тие преговори ќе зависи исклучиво од тоа дали Македонија ќе прифаќа промена на историјата, промена на учебниците, промена на културното наследство и цензура во медиумите. Едно е јасно, во вторник предавниците само ќе одржат фотосесија во Брисел. Нема започнување на преговори за Македонија, додека преговори вистински во вторник ќе започне само Албанија. Од она што можеме да го дознаеме во овој и штетен Протокол кој влегува во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ стои меѓудругото дека до 2023 година треба да се затворат прашањата за заедничко чествувања на празници и личности, а до 2025 година мора да се направи промена по учебниците по историја во Република Македонија, онака како што ќе побара Бугарија. Ако било кој дел од овој Протокол со кој се загрозуваат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја не е по теркот на Бугарија и бугарската влада како и бугарската пропаганда ќе има ВЕТО за Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ остро ќе се спротивстави на овие антидржавни договори, протоколи, рамки кој оваа ненародна власт предводена од СДСМ и ДУИ ги потпиша. ВМРО-ДПМНЕ со своите пратеници и пратениците на коалицијата нема да дозволи промена на Уставот со цел влегување на Бугарите во него. За тоа јасно стојат сите 44 пратеници на коалицијата. Исто така ВМРО-ДПМНЕ активно ќе работи за промена на преговарачката рамка со Европската Унија, и вадење на штетните членови и делови од рамката, кои се на целосна штета на македонскиот народ и држава. Оттука сакамe јавно да му честитаме на Бујар Османи за неговиот дипломатски успех, но тоа не е успех за Македонија и македонскиот народ, туку тоа е успех за почетокот на преговори со Европската Унија од страна на Албанија, како и исполнување на сите барања на Бугарија, изјави Николоски.
И на крај да додадам, Албанија слави, Бугарија се радува, само во Македонија предавството создава немир, фрустрации, поделби во општеството. Едно големо УА за владата. Стоп на предавствата, додаде тој.