Во вторник не само што почнуваат преговорите и ќе има конференција, истиот ден попладне почнува и скрининг, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференцијата по враќањето од Софија, каде со бугарската колешка Теодора Генчовска го потпиша билатералниот протокол.

-Во вторник експертите на ЕУ влегуваат во нашите институции, од вторник почнуваат да се бројат деновите до членство – рече Османи.

Тој додаде дека по бугарското вето пред 3 години не сме можеле да добиеме се, но, како што истакна, сме добиле 3 битни позиции.

-Добивме чист јазик, историските прашања да не бидат услов во преговорите и тие да почнат веднаш, а Бугарија доби одржување на втора конференција откако претходно ќе се направат уставни измени – посочи Османи.

Според него, многу полесно ќе ги решаваме недоразбирањата со Софија додека сме дел од процесот во ЕУ, отколку да останеме надвор и да чекаме некои подобри времиња.