Бранка Д. НАЈДОВСКА за МИА.мк

Во нашето општество постои еден тивок, но тежок товар – стигмата што жената ја носи. Таа не е секогаш изразена со строги забрани или правила. Понекогаш се шири низ погледите, зборовите и очекувањата што ни изгледаат како „нормални“, но всушност одекнуваат низ генерациите како притисок и ограничувања. Разговаравме со неколку

Уште од најмали девојчињата учат како „треба“ да се однесуваат: да бидат тивки, внимателни, убави и скромни. Ако се гласни, се нарекуваат проблематични. Ако се амбициозни, се критикуваат како горди. Ако покажат емоции, се сметаат за слаби, а ако не покажат, за студени и дистанцирани. Жената често живее затворена меѓу две спротивставени очекувања, од кои речиси никогаш не може целосно да излезе.

Оваа стигматизација се манифестира и кога општеството ја вреднува жената. Наместо да ја гледаме како личност со свои идеи, таленти и соништа, често ја оценуваме преку изгледот, возраста или семејниот статус. Прашањата „кога ќе се омажиш?“ или „кога ќе имаш деца?“ изгледаат како грижа, но всушност носат порака дека вредноста на жената е врзана за улогата што другите ѝ ја доделуваат.

Најтешко е кога жената избира свој пат. Или кариера наместо традиција, слобода наместо приспособување, глас наместо молк. Тогаш таа станува цел на осуди, озборувања и етикети. Општеството често се плаши од жена што знае што сака бидејќи независноста ги крши старите правила, кои долго време биле непроменливи.

Меѓутоа, стигмата не е само надворешна, таа понекогаш се вгнездува и во самата жена. По години слушање како „треба“, таа почнува да се сомнева во својата вредност. Се прашува дали е доволно добра, доволно убава, доволно успешна. Најголемата победа на стигмата е кога жената сама ќе поверува во ограничувањата што ѝ се наметнати.

Среќа што времињата се менуваат. Сè повеќе жени се осмелуваат да зборуваат, да создаваат, да водат и да инспирираат. Тие покажуваат дека женственоста не е само една слика и дека силата не е само една форма. Понекогаш е храброст да се спротивставиш, а понекогаш тивка упорност – да останеш верна на себеси.

„Општеството често ја гледа жената низ леќи што не ги избрала сама. Леќи создадени од генерации тишини, наследени улоги и очекувања што се пренесуваат како „нормални“ или, едноставно, зошто „така треба“ иако никогаш не биле праведни. Во многу средини жената и денес се проценува според тоа колку се вклопува во моделот што друг го дефинирал за неа, модел што сериозно ја ограничува. Овие ставови не се појавуваат одеднаш; тие се врежани во секојдневните разговори, во воспитувањето, во медиумите, во културните наративи што ја слават женската жртва, но ретко женската автономија. Токму тие ставови, искажани суптилно или директно, јавно, ја хранат стигмата што ја следи жената во домот, на работа, во јавниот простор“, вели Ана Дукоска, претседателка и основачка на здружението за вмрежување успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена “ и основачка на меѓународната мрежа „Мајките за слободата“.

Ана Дукоска: Време е да градиме генерации на жени што не треба да работат двапати повеќе за да бидат прифатени. Туку,  општеството треба двапати повеќе да се промени за да ги прифати жените онакви какви што се – силни, способни, автономни“

Дукоска појаснува дека ова се случува затоа што општеството сè уште ја гледа жената како природен носител на грижа и ја поставува во улога што подразбира постојано да дава, да попушта и да се приспособува. Женската вредност често се мери преку нејзината способност да се жртвува, а не преку нејзината способност да создава, да води или да одлучува. Патријархалните норми, длабоко вкоренети во воспитувањето и културните традиции, ја учат жената дека мора да биде беспрекорна за да биде прифатена, а мажот е прифатен и кога е несовршен. Така жената расте со идејата дека нејзината тишина е достоинство, а нејзиниот глас е пречка. И додава дека стигмата се создава тивко, преку секојдневни реченици што звучат невино, но носат сериозна тежина: „Ти си жена, ти знаеш“, „Ти подобро се снаоѓаш со тоа“, „Ти си родена за ова“. Според неа, преку овие пораки женската работа станува обврска, а не избор. Двојните стандарди дополнително ја зацврстуваат стигмата: жената мора да биде и нежна и силна, и достапна и независна, и скромна и успешна, а секое отстапување се казнува со осуда. „Невидливата“ работа, грижата за домот, емоционалната поддршка, организацијата, менталниот товар, се подразбира како „нормална“, а не како труд. Медиумите и културните приказни ја слават жената што трпи, но ретко жената што поставува граници, што дополнително го нормализира товарот што таа го носи.

„Стигмата се активира секогаш кога жената ќе се обиде да излезе од традиционалната улога што ѝ е доделена. Кога ќе побара рамноправност, наместо поддршка, често добива отпор, придружен со прашања „Зошто ти треба тоа?“ или „Кој ќе се грижи за домот?“. Кога ќе покаже амбиција, таа се чита како закана, а не како квалитет. Кога ќе постави граници, наместо почит, жената често добива етикети дека е „ладна“, „тврдоглава“ или „неженствена“. Секој обид да се ослободи од наметнатата улога ја активира стигмата што ја држи во место“, потенцира Дукоска, која на прашањето „Дали жената навистина се ангажира двапати повеќе за да биде прифатена?“, одговара:

„Да! И тоа не затоа што нејзината вредност е помала, туку затоа што општеството сè уште ја мери со построги мерила. Жената често работи двојно повеќе во семејството за да докаже дека е „добра мајка“, “добра сопруга“, „добра ќерка“. Таа се труди да биде невидлив мотор на домот, а видлива поддршка на сите околу неа. И тоа не е мит, ниту преувеличување на реалноста. Тоа е реалност што ја живеат генерации жени во Македонија. Но важно е да разбереме уште нешто: жената не работи двојно повеќе затоа што сака да биде ‘прифатена по секоја цена’, туку затоа што општеството ја научило дека прифаќањето доаѓа дури по докажувањето.

Жената учи од мала дека мора да биде беспрекорна за да биде доволна. Дека мора да биде тивка за да биде почитувана. Дека мора да биде уморна за да биде вреднувана. И затоа таа станува првата што се буди и последната што легнува. Првата што решава проблеми и последната што бара помош. Првата што дава, а најчесто последната што прима“.

Нашата соговорничка додава дека „оваа двојна работа, оваа невидлива дисциплина на љубов, грижа, организација, емоционален труд, не е доказ за женска слабост. Тоа е доказ за женска сила, сила што општеството, едноставно, ја зема здраво за готово. Тоа е доказ дека општеството треба да се навикне да ја гледа нејзината вистинска вредност“.

Проф. д-р Мимоза Рајл: „Да го негуваме достоинството, да ја зацврстиме самодовербата и да изградиме односи засновани на вистинска, заслужена почит. Жена си во вистинската смисла на зборот и тоа само по себе е доволна причина да бидеш почитувана“

Проф. д-р Мимоза Рајл исто така инсистира на отворање суштинска и продлабочена дебата не само за физичкото и психичкото туку и за менталното насилство како негов најсуптилен, но исклучително разорен облик. „Овој тип на насилство често останува непрепознаен, тивок и невидлив, но неговото влијание врз самодовербата и интегритетот на жената е длабоко и долгорочно. Тоа претставува тивко страдање, една напната и тешка тишина во која жената постепено се оттурнува од сопственото чувство за вредност. Жените што подолг период се изложени на ваков вид психолошка манипулација и понижување, особено во семејниот круг, се соочуваат со наметната перцепција дека не вредат и дека таквиот третман е единственото што го заслужуваат. Во оваа состојба им се ‘сервира’ коктелот на страв, срам и вина, кој ја разорува нивната личност. Ваквиот континуиран притисок доведува до постепено поништување на индивидуалноста – момент во кој жената, иако физички присутна, е симболично ‘избришана’ како личност“, вели таа. Според оваа професорка по естетика на аудиовизуелни уметности, но и писателка, најголемата трагедија не е во самата смрт, туку во живот поминат без свест за сопствената вредност.

„Во тој контекст, зачестеноста на самоубиствата кај жени изложени на долготрајно насилство не треба да се гледа како изолиран чин, туку како алармантен општествен сигнал. Тоа е чин на очај, бунт против осаменоста и длабокото чувство на отфрленост, особено кога најблиските остануваат неми и нечујни сведоци. Тоа е последен обид за изразување на болката што не нашла разбирање, ниту утеха во реалноста. Оттука, особено е важно да се избегнат морализирањето и осудата. Не можеме и не смееме да претпоставуваме што се одвивало во внатрешниот свет на една жена, која се соочувала со таква тежина. Наместо тоа, потребно е колективно разбирање и емпатија, како и јасна осуда на сите форми на насилство врз жената.

Во таа насока, меѓународните и националните правни механизми имаат значајна улога. Истанбулска конвенција на Советот на Европа, ратификувана како правно обврзувачки инструмент од страна на Република Македонија, претставува клучна рамка за спречување и справување со насилството врз жените и семејното насилство. Сепак, нејзината ефективност зависи од доследната и координирана примена во пракса“, истакнува Рајл осврнувајќи се и на неодамнешната трагедија во скопско Тафталиџе кога млада мајка скокна во смрт заедно со своето мало дете.

„Борбата против насилството“, според неа, „не смее да биде декларативна, туку системска и координирана. Потребно е усогласено дејствување на институциите – полицијата, Обвинителството, судството и социјалните служби, кои мора да постапуваат навремено, одлучно и по службена должност. Истовремено, клучна е и улогата на образовниот систем, здравствените работници и граѓанскиот сектор во препознавање и спречување на насилството.

Рајл нагласува дека клучен момент во овој процес за подигнување на свеста и охрабрување на жените да не трпат насилство, туку активно да бараат заштита е довербата во институциите. Дека жените што се охрабруваат да пријават насилство мора да наидат на систем што обезбедува сигурност, заштита и континуирана поддршка. Па во таа смисла институциите или стануваат активни борци против семејното насилство или пасивни соучесници. Насилството врз жените е одраз на длабоко вкоренета структурна нееднаквост, поткрепена од културни и општествени модели, кои ја нормализираат нејзината подреденост. Затоа, вели Рајл, „и покрај постоењето закони, конвенции и декларации, вистинската промена ќе настапи само со трансформација на свеста и надминување на патријархалните матрици во општествата“.

Професорката потенцира дека културата на „трпи и молчи“ мора да стане минато: „Жената не смее повеќе да биде условена да биде невидлива, тивка и послушна, особено пред неправдата. Напротив, неопходно е да ја препознае и зацврсти својата активна улога – во домот, на работното место и во поширокото општество и да ја изрази својата автентичност. Само преку самосвест, солидарност и системска поддршка може да се изгради општество во кое жената не само што ќе биде заштитена туку и вистински почитувана. Во околностите во кои несфатливо како се најдовме, неопходно е јасно и гласно да се соочиме со длабоко вкоренетите општествени парадокси и неправди што ја обликуваат секојдневна реалност на жената. Жената, без разлика на изборот што го прави, речиси секогаш се соочува со стигма и осуда: ако се разведе – „не успеала да го зачува бракот“; ако е успешна – „на чија сметка е таа успешност и кој се грижи за домот“; ако се посвети на семејството – „зависна е од друг“; ако се дотерува – „има скриени намери“; ако си го запостави изгледот – „не води грижа за себе“. Во оваа матрица на постојана критика се наметнува тивка, но опасна порака: дека „најдобрата“ жена е онаа што молчи, трпи и безусловно дава – по цена на сопственото здравје, достоинство и емоционална стабилност“.

Овие наративи не се безопасни, се согласува Рајл: „Тие создаваат трауми, нарушени идентитети и генерации што растат со искривена перцепција за љубовта, почитта и сопствената вредност. Оттука, суштинското прашање не е само како општеството ја третира жената, туку и како таа самата се перципира. Зашто вистинската промена почнува токму од внатре – од самопочитта како темел на секоја друга форма на почит. Рамноправноста не може да се гради без достоинство. Таа не произлегува од декларативни идеологии, ниту од површни интерпретации на слободата, туку од длабока свесност дека жената е автономна личност, вредна сама по себе. Почитта не е даденост по автоматизам, туку однос што се гради – заеднички, одговорно и искрено.“

„Во контекст на современите трагични случаи на насилство, вклучително и фемицид, особено е важно да се напушти културата на обвинување на жртвата. Ниту една жена не останува во насилна средина затоа што сака, туку затоа што е постепено убедена дека не заслужува подобро. Долготрајната изложеност на понижување и манипулација ја разорува нејзината самодоверба до степен каде што сопствената сила станува непрепознатлива. Затоа осудата е не само неправедна, туку и длабоко штетна“, вели оваа соговорничка на МИА и додава дека потребно е секоја жена да си го постави најважното прашање: кој и кога ме уверил дека не вредам? И уште поважно – дали ќе продолжам да верувам во тоа? Само преку оваа лична рефлексија може да се отвори патот кон вистинско ослободување. Па потенцира: „Истовремено, односите меѓу мажот и жената не смеат да почиваат на претпоставена, автоматска почит. Почитта е резултат на однесување, грижа и одговорност. Таа се гради онаму каде што постои чувство на безбедност, заштита, лојалност и слобода за искрено споделување на животот. Таа се зацврстува кога двајцата партнери се доживуваат како тим, особено во моменти на предизвици. Затоа, нека ова не биде само месец на симболични гестови, туку повик за суштинска промена. Да не чекаме признанија однадвор, туку да ја вратиме сопствената вредност однатре“.

Јана Мишо: „Никако на пример, да се дообјасниме околу т.н. ‘женско писмо’. Дека авторот е автор, писмото е писмо. Жените се под поголема лупа само што ќе мрднат во која и да е насока“

Писателката и уредничка на Off Cafe, на Off.net (и автор на романите „Скоро парижанка“, „Анаис од Монмартр“, „Лулу“ и „Што се случи со Исидора?“), Јана Мишо, пак, вели дека не само жените, туку кој било што ќе си дозволи некаква слобода добива стигма од општеството.

„Кај нас, за жал, сѐ уште сме заглавени кај банални слободи, од типот „ќе работам неконвенционална работа“, или „ќе запишам втор факултет и ќе патувам наместо да основам семејство“. А сепак, од толку што посебно им се суди на жените во вакви и слични случаи, не можеме ни да стигнеме да ги дискутираме нијансите – колку почесто добиваат прашања за изгледот или за „да се биде жена во Х професија“ или како успеваат да ги спојат грижата за семејството и професионалниот живот… Мене некои од најужасните прашања за интервју ми се за „женското писмо“, или „како жена во книжевноста“… И никако да се дообјасниме дека авторот е автор, писмото е писмо, мажите не добиваат вакви глупави прашања, а жените се под поголема лупа само што ќе мрднат во која и да е насока“, категорична е Мишо.

Анастасија Кензо: „Клучниот проблем е тоа што жената останува под постојано ‘оценување’ и постојат контрадикторни очекувања т.е. што и да направи – не е тамам. Сепак, надеж дава што се повеќе жени се независни, гласни и свои, но стигмата не исчезнува“

Правничката, но и жена со хоризонти, Анастасија Кензо, е на истиот став, дека од мали женските деца ги учат на тоа дека жената „држи куќа“, па многу жени несвесно преземаат повеќе обврски отколку што може да поднесат. „Поради желбата за прифаќање и хармонија, некои жени навистина се трудат повеќе за да бидат сакани, ценети или да избегнат конфликти. Жените најчесто се тие што се грижат за семејните односи, децата и атмосферата. Навика или динамика во врската, ако од почетокот тие преземат повеќе, тоа со време станува ‘нормално’. Но многу е важно и не значи дека ‘треба’ да биде така ниту пак, дека е здраво на долг рок. Ако жената дава двојно повеќе само за да биде сакана, тоа може да доведе до замор и фрустрација, чувство дека не е ценета, нерамнотежа во односот и чувство на несигурност. Здрав однос е кога и двајцата вложуваат, можеби не исто, но праведно. Љубовта не се ‘заработува’ со жртвување, треба да постои почит и признавање на нештата“.

Клучното прашање, според Кензо, не е дали жената се труди повеќе, туку дали се чувствува ценето и возвратено за она што го дава. „Нерамнотежата во бракот е сериозна и штетна динамика како за жената така и за децата. Доколку партнерот/мажот не вложува еднакво или приближно еднакво во заедницата и подредува сѐ во согласност со неговите потреби, како тој и неговата работа да се центарот на светот, неретко и ја префрла вината на жената само заради избегнување одговорност. Ова има неколку елементи на нарцисоидно однесување со единствена цел обвинување на жената, избегнување одговорност, ставање себеси во преден план, занемарување, ја остава жената сама во сѐ, не е присутен како родител и партнер. Тогаш тој со сигурност е егоистичен, егоцентричен, несигурен, незрел и недораснат. Најважно од сѐ е тоа што жената го носи целиот товар како физички така и на емотивен и на социјален план. Ова не е партнерство. Во здрав однос обврските се делат, нема казнување со исчезнување, не доаѓање дома со часови и денови, дремење во кафеани како професија, нема манипулација со вина. Ова, всушност, е функционирање на жената како „самохран родител“. Ако ваквата состојба трае долго, последиците се хроничен стрес и исцрпеност, чувство на безвредност, емоционално прегорување, влијание врз децата, кои не учат од тоа што го кажуваш, туку од она што го толерираш. Ова не е „криза“, ова е начин на живеење, што нема да се смени сам по себе. Ова не е живот, ова е глумење љубов и семејство, театарска претстава. И најтешкиот дел е што, ако останеш во оваа т.н. заедница, најверојатно состојбата ќе продолжи исто или ќе се влоши. Па си го поставуваш прашањето: Ако ништо не се промени следните пет години како и во изминатите – дали можеш да живееш вака?“

Кензо додава дека жените во вакви околности веќе плаѓаат превисока цена. Со својот мир, здравје и нерви. „Не е одговорност на жената некој, возрасен маж, кој ѝ е партнер, да го спаси. Нејзина грижа е да се заштити себеси, но и децата, не мора да чека да стане „полошо“ за да си дозволи да замине“. Таа се осврнува и на децата затоа што, според неа, за нив е подобро да имаат еден стабилен родител отколку да растат во страв, несигурност и агресија: „Постојаното ветување од страна на мажот дека ќе се промени и ќе стане сериозен татко и партнер претставува краток мир и повторување на она што секојпат го кажува. Тоа не е вистинска промена, туку циклус што те држи во надеж. Тој знае што треба да каже кога ќе види дека ќе те изгуби, но не прави реални чекори тоа и да го направи. Ова се вика циклус на манипулација и зависност, промената не се докажува со зборови, туку со конзистентни дела. Мислам дека жената не треба себеси да се лаже, мора да си ја каже вистината, што всушност сака? Стравот од неизвесноста и непознатото е најмрачното чувство, кое и буквално може да ни го одземе животот. Во време кога самопочитта е на најниско ниво на скалата на вредности, тешко е да се сочуваат личната слобода и интегритетот“.

Сепак, вели Кензо, стигматизацијата на жените во Македонија и пошироко на Балканот зависи од средината, возраста, образованието на кругот во кој се движат. Како пример таа го наведува пиењето алкохол: „Машко што пие е „нормално“ и социјално прифатено. Меѓутоа, жена што пие многу често се етикетира како „несериозна“ и „лош пример“. Ова е класичен двоен стандард, кој е прилично присутен. Ако жената е силна, гласна, одлучна, со став и интегритет, тогаш често ја нарекуваат „прегруба“ или „машкуданка“. Ако е повлечена, тогаш е „слаба“ или „без став“. Што и да направи, секогаш има критика, што покажува дека проблемот не е во жената, туку во очекувањата. За среќа, кај помладите генерации има промена, но старите ставови тешко исчезнуваат“.