Најголемите европски фудбалски лиги застанаа заедно во барањето за промени во начинот на управување со Светската фудбалска федерација (ФИФА). Премиер лигата, Бундеслигата, Ла Лига и Серија А излегоа со заедничко соопштение во кое повикаа на темелни реформи во организацијата.
Повикот доаѓа по критиките од повеќе фудбалски организации поврзани со планот за комерцијализација на одредени права на ФИФА преку приватни компании, иницијатива која во меѓувреме не продолжи.
Четирите лиги сметаат дека се потребни појасни правила во функционирањето на ФИФА, како и граници меѓу различните надлежности во организацијата.
„Потребна е суштинска реформа на управувањето за повторно да се воспостават јасни уставни граници во рамките на ФИФА, вклучително и гаранција дека дисциплинските прашања ќе останат одвоени од политичкото влијание“, се наведува во соопштението доставено до Франс прес.




