Четворица малолетници попладнево во тешка здравствена состојба се примени на Клиниката за токсикологија.
Малолетните лица кои се на возраст меѓу 14 и 17 години се хоспитализирани на Токсикологија, а истите биле донесени со пореметена свест и бројни повреди по телото, потврдува за Курир директорот на Клиниката, д-р Андон Чибишев.
-Малолетниците се хоспитализирани и се преземени мерки за реанимација. Во моментов двајца од нив се на Токсикологија со подобрена општа состојба која оди кон подобро, додека другите двајца се во потешка состојба и се испратени на дополнителни иследувања кои треба да се анализираат, вели Чибишев за Курир.
Неофицијално, во организмот на малолетните лица била присутна поголема количина на лекови. Истите попладнево биле пронајдени во куќа во Скопје.
Од МВР за МИА потврдија дека во куќата на Д.Г. (40) имало четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци.
-Денеска полициски службеници од СВР Скопје постапиле по пријава за нарушен јавен ред и мир и при тоа е утврдено дека во куќата на Д.Г. (40) имало четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци, потенцираат од МВР.
Како што појаснуваат, лицата веднаш биле пренесени на Клиниката за токсикологија и во координација со јавен обвинител, кој излегол на лице место, се преземаат мерки за расчистување на случајот.