Во организација на Асоцијацијата „Сите Сити“ утре ќе се одржи четвртата хуманитарна Национална акција „Нахрани 10.000“.
На 19 локации во шест градови – Скопје, Битола, Штип, Велес, Кочани и Гевгелија ќе може да се донира храна, која потоа ќе биде дистрибуирана до социјално загрозените граѓани.
Целта на акцијата е на граѓаните да им се даде можност да донираат храна која ќе заврши во рацете на 10.000 лица на кои им е потребна.
Асоцијацијата „Сите Сити“ денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани детали за акцијата, но и ќе се говори за тоа колку е важно граѓаните да се вклучат и да помогнат на социјално загрозените граѓани ширум земјата и како може тоа да го направат за време на „Нахрани 10.000“.
Според податоците на Државниот завод за статистика во Македонија, на кои се повикуваат од „Сите сити“ проблем да обезбедат храна имаат 445,099 луѓе и во просек ги немаат сите оброци дневно. сст/
„Нахрани 10.000“ е во организација на Асоцијацијата „Сите сити“, на која се приклучуваат и организациите Х.О. Св.Спас-Драчево, Организација на жени- Скопје, Кризен Центар Надеж, Асоцијација Ластовица, ХОПС- Опции за здрав живот, Организација на жени- Битола, Х.О. Утешител- Битола, Млади Хуманисти- Битола, Авена- Кочани, Импакт Нет Фондација, Велес, Ротари Клуб- Штип, Асоцијација за човекови права на Ромите- Штип.