Исходот на следните парламентарни избори во Грција, редовни или предвремени, би можеле да ги решат тројца свиркачи со нивните сведочења за еден од најголемите скандали во последните години во кој се вплеткани поранешни владини претставници. Наводно тие примиле поткуп од швајцарскиот фармацевтски гигант Новартис.
Трите анонимни сведочења се дел од судската истрага за тоа дали Новартис исплаќала високи владини службеници за да трошат буџетски пари за производи на компанијата.
Обвинувањата се однесуваат на периодот од 2008 година, кога почнува финансискиот скандал, во време кога во болниците немаше ни гази ни чисти чаршафи, и тие предизвикаа политичка бура и ја поделија земјата која е соочена со криза.
Претставници на владејачката Сириза, на премиерот Алексис Ципрас, тврдат дека имаат информации оти во скандалот се вмешани нивните претходници од десницата. Обвинитетите, пак, возвраќаат дека тие немаат никава вмешаност во скандалот и оти тој се користи за политичка борба со опозициските партии. Од друга страна, пак, Новартис спроведува сопствена истрага и одби да дава изјави или да ги коментира обвинувањата.
„Доколку обвинителите успеат да го обвинат поранешниот премиер или други високи претставници, тоа ќе биде голем удар за опозицијата (Нова демократија н.з.) во Грција, изјави Марија Гавунели, професор по меѓународно право.
Обвинителството под истрага има 10 поранешни владини претставници, меѓу нив и двајца премиери – Андонис Самарас и Панајотис Пикраменос, како и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврампопулос, и актуелниот гувернер на централната банка, Јанис Стурнарас. Речиси сите што се под истрага се членови на конзервативната Нова демократија, која во моментов е најпопуларна партија.
Но, како што велат, „стапот има два краја“, па ако паднат сите обвинувања, во тој случај тоа ќе оди на сметката на Сириза, а тоа би можело да значи и катастрофален пораз на следните избори.
„Политико“ европско издание, објавува дека во разговор воден под заклетва со еден од свиркачите под псевдонимот „Екатерини Келеши“, опишува една сцена од 2013 година кога потпретседателот на Новартис за Грција, Константинос Фрузис го посетил премиерот Андонис Самарас во неговата вила, кој беше премиер од 2012 до 2015 година.
„Тој (Фрузис) со себе имаше куфер на тркалца „Самсонајт“ полн со снопови пари подврзани со жолти и зелени ленти и му ги даде на Андонис Самарас“, се вели во изјавата, која Политико ја имал на увид.
Самарас ги отфрли обвинувањата и ја обвини владата дека користи лажни сведоци за да ги оцрни своите ривали.
Потоа, се наведува дека Стурнарас, кога бил министер за финансии, добил „на подарок“ еден милион евра.
Од друга страна, Фрузис е под истрага и на ФБИ за тоа дали Новартис го прекршила американскиот коруптивен акт. ФБИ стигнал до податоци кои ги разменил со грчкиот парламент, дека Новартис поткупувала доктори кои препишувале лекови од таа компанија, а уништувале документи за да ги сокријат своите активности од грчките регулатори. Извештајот на ФБИ обвинува дека Фрузис користел неколку грчки фирми за односи со јавноста кои преку нив перел пари и поткупувал доктори и владини претставници во замена за добивање пристап до грчкиоте министри за финансии, одбрана, образование, здравство и за развој.
Ни Фрузис, ниту Новартис не сакаа да даваат свои коментари за овие обвиенија.
Марија Спираки, портпаролка на Нова демократија, изјави дека во документите објавени од истрагата нема цврсти докази за какво било незаконско дејство од високи политичари.
„За сите Грци е важно да се дознае вистината, се да биде јавно и транспарентно, но сведоците не се доволни“, вели Спираки.
Таа притоа потестува дека парламентарниот комитет го истражувал случајот со Новартис, но оти не нашол никакви инкриминирачки докази за јавни службеници.
Во јануари, пак, Нова демократија возвраќа на ударот прашувајќи го министерот за правда, Ставрос Кондонис, да објасни како планира да го заштити судството од политичко влијание. По ова, Самарас поднесе тужба против Ципрас обвинувајќи го за ширење лажни ифнормации и застрашување. Тужба поднесе и Еванглеос Венизелос, кој побара судот да ги каже јавно имињата на свиркачите.
Очекувајќи ја судската завршнива на Новартис, владејачката Сириза потенцира дека нема намера да се повлече од борбата со корупцијата.
„Општо познато е дека коренот на кризата се наоѓа во распространетата корупција меѓу високи партиски претставници кои беа во стариот естаблишмент“, изјави владин портпарол.