Новиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини (45) сака да биде сериозен кога се во прашање изборните ветувања на неговата партија Лига. Тој повтори дека еден од приоритетите на неговата популистичка партија е „да се испратат мигрантите дома“.

Само неколку часа откако беше назначен за министер, тој го објави курсот кон имигрантите:„Отворена врата за добрите луѓе и билет во еден правец за оние што дошле да се забавуваат во Италија и мислат дека таа ќе се грижи за нив“.

Во изборната кампња, Салвини рече дека дека Лига планира да депортира 500.000 нелегални мигранти кои престојуваат во Италија. Но, прашање е дали ова може да се спроведе.

Експерти веруваат дека е нереално бидејќи Италија нема ниту ресурси ниту легални средства за да може да спроведе толкава масовна депортација. Според студија на магазинот „Л‘еспресо“ депортација на половина милион имигранти би чинела околу 1,5 милијарди евра, затоа што според закон секој имигрант кој ќе се депортира со авион треба да биде придружуван од двајца владини претставници, а тоа значи дека секоја депортација би чинела по 3.000 евра.

Италија, исто така, се доведува во опасност да го прекрши правниот систем на Европа, конкретно Женевската конвенција.