Претставниците на американската амбасада и НАТО ги зголемиле активностите на приближување на Србија кон западната воена алијанса, а круна на тие стремежи треба да биде основање на неформален „Клуб 100“ во кој би влегле професори на универзитет и јавни личности со цел отворено да пропагираат напуштање на неутралниот курс на Србија што таа досега го имаше – пишуваат белградски Вечерњи новости.

Според извори кои весникот ги презентира како добро информирани, вториот секретар во амбасадата на САД, Бовермастер, неодамна потврдил дека во средината на септември, на Фрушка Гора ќе се собере група професори за подготовка и едукација за популаризација на НАТО.

Бидејќи Бовермастер ја напушта функцијата, планот бил проектот што тој го започнл да го продолжи и заврши неговиот наследник Џон Радерфорд. Суштината е во тоа, покрај пропагандата, да се зголеми и работата на терен.

Оваа голема акција, како што пишуваат Новости, се базира на глобалната стратегија за „елиминирање на малигното влијание на Русија на Балканот“. Клучна зона на пропагандното делување е токму Србија, но и Република Српска, каде западните разузнавачи имаат задача да ги прекинат цврстите врски меѓу Додик и Кремљ.

Дека НАТО има цврста намера сериозно да се посвети на менување на негативната слика за алијансата која постои во Србија, сведочи и тоа што минатиот месец во Белград претстојувала и Чинчила Моли од Отсекот за пропагандна дејност на Европската команда на НАТО.

Таа разговарала со претставници на некои невладини организации и се распрашувала за ставот на јавноста кон САД и НАТО, како и за тоа дали тој став може да се промени.