Зоран Заев денеска се обрати кон граѓаните од централната прослава на големиот државен празник 2 Август Илинден – Денот на Републиката кој оваа година се празнува под слоганот „Сите сме деца на Илинден“.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.
„Почитувани граѓани, почитувани Илинденци,
Сите ние сме деца на Илинден!
Илинден е симбол за нашата борба за слобода и човечки правдини. Илинден е симбол за нашата победа. Илинден е симбол, водилка за сите деца на нашата земја, Илинден е на сите.
Првиот Илинден 1903, е симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедувања.
Вториот Илинден 1944, е симбол на победата над фашизмот, на успешната борба за ослободување од вековното ропство, за создавање на слободна и суверена држава, со македонски службен јазик.
Што им е заедничко на првите Илинденци од 1903 и АСНОМ-ските Илинденци од 1944?
Химната и Републиката!
И хероите од нашата химна – Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански – и хероите од НОБ кои ги опејаа во партизанските песни и ги именуваа партизанските одреди со нивните имиња – се бореа за РЕПУБЛИКА!
Првите Илинденци се бореа за Крушевската Република, а вторите Илинденци се изборија за АСНОМСКАТА, демократска, федерална, народна, социјалистичка, независна РЕПУБЛИКА Македонија – денес РЕПУБЛИКА Северна Македонија!
И првите Илинденци од 1903 и вторите Илинденци од 1944 се бореа за ИДНИНАТА, а не за МИНАТОТО.
Затоа и ние денеска, сите заедно, сме деца на Илинден, затоа што нашата политичка иницијатива е борба за иднината.
ИЛИНДЕН стана симбол за нашето славно минато, затоа што Илинденците се бореа за нашата светла иднина!
Наша патриотска должност е да го следиме победничкиот стремеж на Илинденците од 1944, исто како што тие го следеа борбениот стремеж на Илинденците од 1903 – стремежот за светла иднина на македонската Република и сите нејзините граѓани!
Илинден е нашата државност и нашата гордост! Илинден е нашиот празник, Илинден е нашиот македонски јазик, Илинден е нашата државна химна!
Некои ќе прашаат: Зошто нашите ослободители од 1944 формираа партизански одреди „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Даме Груев“, „Јане Сандански“, и ги опеваа нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“?
Знаеме зошто: Славните прилепчани основаа партизански одред „Гоце Делчев“ затоа што веруваа во зборовите на Гоце Делчев дека „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание“ кое заедно со кумановци го кренаа на 11 октомври 1941 година.
Славните крушевчани основаа партизански одред „Питу Гули“, затоа што токму на ова место, тој херојски го даде својот живот за одбраната на Крушевската Република.
Битолчани основаа партизански одред „Јане Сандански“, затоа што знаеа дека неговата омилена здравица била – „За независна Македонија“, која ја замислувал како Република на еднаквоста, братството и слободата – Едно општество за сите!
Битолчани и преспанци формираа партизански одред „Даме Груев“ за да ги продолжат традициите на основачот на „подземната Република“ кој по Илинденското востание пророчки му напиша на Хилми Паша дека „не е далеку часот кога над облеаната со крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата“.
Не забораваме ни дека во оригиналната верзија на „Денес над Македонија“, испеана од нашите славни пејачи, Васка Илиева, Никола Бадев и Александар Сариевски, се спомнуваат и имињата на Карев и Влахов.
Знаеме зошто е спомнат социјалистот Никола Карев, предводникот на Штабот на крушевските востаници, кои го ослободија Крушево и формираа Република.
Карев во 1902 му пишува на Гоце Делчев: „Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да стануваме и да се биеме… Сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија…“
Знаеме зошто е опеан и сограѓанинот на Делчев, кукушанецот Димитар Влахов, кој е симбол на врската меѓу двата Илиндена, учесник во македонското револуционерно движење од 1903, и делегат на АВНОЈ и АСНОМ.
Ете, токму затоа во „Денес над Македонија се раѓа“ беа вградени Илинден и славните ѕидари на Крушевската Република. Затоа е вградено и знамето на Крушевската Република кое се вее во НОБ за ослободување на Македонија и за изградба на нова – надземна Република!
Нема подобар начин да им се оддолжиме на нашите херои спомнати во химната, освен со продолжување на нивните храбри дела за иднината на Републиката, оживотворена во Крушевскиот манифест, воскресната во решенијата на АСНОМ, кога и се прогласи Илинден за народен државен празник на македонската држава.
Продолжуваме да ги негуваме концептот на „Едно општество“ и заедништвото кое како наследство ни е оставено во Крушевскиот манифест. Манифестот кој ги повика комшиите и пријателите без разлика на пол, вера, убедување и народност, во желба за подобар живот.
Продолжуваме со политиките на надминувањето на поделбите. Сите ние, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, и сите други, сметаме дека е патриотска должност да се обединиме и помириме внатре. Затоа, ова свето место, Мечкин Камен, не треба да биде камен на сопнување туку мора да биде камен темелник на помирување, заедништво и разбирање.
Се обединивме со соседите, се обединивме и со Западноевропското семејство. Што е, впрочем, Илинденското востание ако не крик за Европска Северна Македонија како напредна Република на Балканот?
Затоа велам Илинден е повик за обединување. Делбите не се патриотизам.
Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не за поделби. Заедништво за подобра иднина на нашите деца и нашите внуци.
Еднаш реков и ќе повторам: Во секој граѓанин на Северна Македонија има по еден партизан и по еден комита!
Ќе продолжиме заедно да ја градиме нашата вековна иднина, онака како што ја градеа партизаните и партизанките, храбрите комити и комитки.
Гордо стоиме пред македонското знаме. Гордо ја пееме македонската химна. Гордо зборуваме на своите мајчини јазици. Горди го воведовме и 5 мај како ден на македонскиот јазик, кој беше заведен како службен јазик во македонската држава токму на Илинден во 1944.
Горди можеме да изјавиме дека го заокруживме процесот на меѓународно признавање на Република Северна Македонија, која како идна членка на НАТО ја гарантира безбедноста на своите граѓани како никогаш порано.
Горди можеме да кажеме дека добивме најдобри оценки од Европската Унија, со кои се отвораат нашите европски перспективи без никакви условувања. Гордо кажуваме дека сме подготвени да ги почнеме преговорите со Европската Унија час поскоро и да го забрзаме политичкиот процес на обединување со европското семејство на кое му припаѓаме и географски, и културно, и цивилизациски!
Тоа се заложби за иднината. Тие заложби бараат секојдневна борба. Од секој од нас.
Затоа – Секој ден е Илинден! Затоа – сите сме деца на Илинден!
Со гордост можеме да кажеме дека патриотизмот значи грижа за обезбедување подобар живот за сегашните и идни генерации, тука, во Северна Македонија, како што се грижеа Делчев и Рацин.
Кочо Рацин, во својот напис за Значението на Илинден, ќе истакне дека „…Даме Груев, Гоце Делчев, и Јане Сандански, како вистински народни борци, убаво знаеа што беше тогаш Македонија и какви се вистинските потреби за нејзините народи. Тие пропагираа една слободна независна автономна Македонија уредена како демократска-граѓанска држава. Тие сакаа да се земе феудалната земја од беговите и да се даде на селаните што ја копаа. По градовите, да се растурат старите и корумпирани власти, да се образува една демократска власт од народот по градовите и селата, која ќе биде одговорна пред автономното управување на Македонија, избрано и поставено по демократски начин од сите народи што живеат во Македонија.“
Тоа е патриотизам. Затоа: вистински патриотизам е да се продолжи традицијата на Делчев, Груев, Сандански, Рацин, Ченто. Тие не научија дека иднината е вистинскиот избор за секој патриот – иднина во граѓанска и демократска Северна Македонија, рамноправно претставувана од сите кои живеат во неа.
Тогашната иднина е нашата денешна сегашност до која дојдовме преку здружени и комплексни иницијативи. Ние, граѓаните, децата на Илинден, сме природно упатени да гледаме напред кон иднината. Гледаме напред затоа што сакаме безбедна и стабилна земја – членка на НАТО. Сите ние сме вложени во иднината затоа што сме спремни за уште повеќе реформи, затоа што носиме и градиме европски вредности и одиме кон Европската Унија.
Сите ние сме определени за иднината бидејќи патот на интеграција е пат кон перспективите. Тоа е пат кон инвестициите. Кон нови работни места, кон повисоки плати и кон повеќе пари кај граѓаните. Тоа значи шанса за сите граѓани. Тоа значи шанса за сите деца на Илинден во кои државата мора да вложува максимум, и за кои институциите мора да се грижат еднакво и квалитетно.
Денес, оваа наша убава Северна Македонија ја градиме како земја во која граѓаните можат да обезбедат достоинствена живејачка, земја каде институциите се заштитници и пријатели на граѓаните, а услугите се достапни насекаде. Затоа вложуваме многу во опремување на здрвствените установи, ги покачуваме платите, ги поддржуваме земјоделците и градиме безбедни патишта и услови за подобра животна средина.
Постојано го градиме нашиот мозаик – нашата татковина создадена од различности и вредности – затоа мораме да се ангажираме сите да му дадеме уште поубав сјај на мозаикот. Да бидеме сите посветени, вредни и одговорни пред целите кои заедно ги зацртавме – да бидеме заедно и одлучни.
Да одиме по патот што го трасираа Илинденците зашто од тој пат немаме право да отстапиме.
Сите ние сме деца на Илинден. Секој ден е Илинден!
Нека ни е честит и вековит Илинден!
Нека ни е честита и вековита нашата Република Северна Македонија!“
Влада на Република Северна Македонија