Министерот за земједелство, Николовски, денеска апелира граѓаните да не се грижат и да не трупаат залихи, зашто масло, како што рече, има. Не се увезува само од Србија, туку и од Русија, Украина и Бугарија, пренесуваат повеќе медиуми како Алсат, 360 степени итн.
“Гарантираме дека има доволно количини. Имаме зголемено домашно производство и денеска имаме увоз и од Русија, Украина и Бугарија, и на масло за јадење и на нерафинирано масло така што воопшто нема потреба од никаква паника и од зголемување на домашните залихи. Ја сфаќаме загриженоста, но максимално се работи на обезбедување доволно количини”, потенцира Николовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, министерот повтори и дека доколку има потреба, покрај предвидените два милиона литри, ќе се бара увоз на дополнителни количини масло за јадење од Србија.
“Постојано сме во контакт со српските власти. Ако бидат потребни дополнителни количини, очекуваме српската Влада тоа да го одобри. Очекуваме и тргање на забраната за нерафинирано масло”, подвлече Николовски.
Според него, динамиката на увоз зависи од договорот на трговските партнери.