Министерот за внатрашни работи, Наќе Чулев синоќа се огласи во врска со најновите случувања и коментари на социјалните мрежи, притоа посолувајќи го бившиот пратеник и функционер на СДСМ, Мухамед Зекири дека споделил стара слика.
– Објавите кои вечерва се појавија на социјалните мрежи, веројатно се резултат на стравот од професионално работење на полицијата и на неселективна борба против криминалот. Веројатно, тоа што безпоштедно тргнавме во борба против криминалот и фактот дека Министерството за внатрешни работи конечно е сервис на граѓаните е причината за зачестените политички напади во последниот период. Во однос на објавите од страна на Мухамед Зекири, најпрво ќе го запрашам дали тој ќе одговара што во јавноста објавуваат стари фотографии и истите ги доведуваат во корелација со актуелни настани? Дали позади нападите на Министерството за внатрешни работи стои директен напад кон полициските службеници? Дали тој ќе поднесе оставка од позицијата поради тоа што на социјалните мрежи споделува лажни и неточни информации? Дали е коректно еден партиски функционер пред јавноста да објавува монтирани, стари архивски фотографии и со истото да се напаѓа полицијата? Дополнително, ја информирам јавноста дека во конкретниот настан се преземаат сите мерки и ќе бидат преземени соодветни активности во согласност со законот. Најодговорно тврдам дека настанот од кој се објавени фотографии, а кои наводно се направени на Денот на полицијата не се направени оваа година и со овие обвинувања уште еднаш во контекст на политиката, а без аргумент се напаѓа Министерството за внатрешни работи, објави Чулев.
Натаму министерот за внатрешни работи појаснува:
– Во однос на објавата во некои од медиумите, а поврзана со денешното одбележувањето на Денот на полицијата ја информирам јавноста дека за конкретниот случај поврзан со новинарот веќе од страна на Одделот за внатрешна контрола се преземаат соодветни активности и доколку се утврди дека од страна на вработените во МВР се пречекорени службените овластување за истите ќе следи постапка за утврдување на дисциплинска одговорност. Но, истовремено апелирам до новинарите да се придржуваат и да го почитуваат етичкиот новинарски кодекс. Градењето на коректни односи со медиумските работници е од исклучително значење, но тој однос неопходно е да го градиме заеднички. Истовремено апелирам до сите политичари да бидат внимателни во својата комуникација, секој напад врз Министерството за внатрешни работи е напад врз полициските службеници кои во овој исклучително важен период се во првите редови во борбата против пандемијата од корона. Напоменувам дека помина времето кога во Министерството за внатрешни работи предметите се чуваа во фиока и луѓето се делеа на „наши“ и „ваши“. Граѓаните треба да бидат уверени дека неселективното спроведување на законите е врвен приоритет за мене и така ќе биде и во иднина, појасни Чулев,