Поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев прашува зошто Оливер Спасовски го крие настанот во кој обезбедување на висок функционер во МВР нападнал и претепал припадник на интервентната полиција?

Во вчерашната објава на социјалните мрежи, побарав Министерството за внатрешни работи да преземе итни мерки за заштита на полициските службеници, чиј живот секојдневно е доведен во опасност, извршувајќи ги своите работни должности и задачи. Но, наместо заштита, Оливер Спасовски и останатите функционери во МВР, застануваaт во одбрана на полициското подземје што тепа и напаѓа полицајци.

Денес, јавно го прашувам Оливер Спасовски и Министерството за внатрешни работи, дали е точно дека лице кое работи како обезбедување на висок функционер во оваа институција, нападнало припадник на интервентната полиција, кој завршил со тешки телесни повреди?

Воедно, го повикувам Оливер Спасовски да даде одговор, каде се случил конкретниот настан и зошто посоченото лице – напаѓач во тој момент присуствувало на место каде пристап имаат лица со посебни овластувања?

Зошто Министерството за внатрешни работи, досега го крие посочениот настан и во ниту еден од полициските билтени не е споменат истиот?

 

Дали е побарано надлежните служби да утврдат одговорност и ако тоа се потврди, дали Оливер Спасовски ќе побара разрешување на функционерот, чие обезбедување е тепачот?, јавно прашува Чулев