Информациите од ЦИА за 2017 година (приложени во графиката) покажуваат дека токму од европски земји, кои се членки и на ЕУ и на НАТО, иселувањето е поголемо, отколку од земји кои не припаѓаат во овие асоцијации

Податоците од американската ЦИА ја разбиваат пропагандната заблуда што се користеше против претходната власт во Република Македонија, а со цел да биде инсталирана сегашнава владејачка гарнитура. Податоците говорат дека токму европски земји, кои се членки и на НАТО и на ЕУ, се рекордери според бројот на граѓани кои од нив се иселуваат. И обратно, дека земји кои не членуваат ниту во НАТО ниту во ЕУ се со рекордна позитивна стапка на миграција.

Во изминатите години една од омилените теми на пропагандата беше токму иселувањето. Се сеќаваме на повеќе дебати и перформанси на оваа тема, како тој со стотиците чевли, патики и опинци пред зградата на тогаш „ружната влада“, која го изгуби „ружниот“ епитет откако тие што ја ругаа се инсталираа во фотелјите.

Ако се соберат сите бројки кои ги штанцаше пропагандната шарена машинерија во изминатите години, сега не ќе имаше жива душа во земјава. Не ќе имаше живо пиле да им аплаудира на „диџеите“ кои пуштаат музика на отворањето на реализирани големи проекти, како што беше отворањето на грандиозната автобуска постојка во најгушканиот трговски центар во светов. А, пак, доволно луѓе за да свртат свечен чочек на автопат што, патем, го изгради претходниот „режим“ и да не стане збор.

 

Острицата во уривањето на „режимот“, покрај другото, беше и поради масовното иселување од Македонија, а ветувањата на тогаш претендентите, а сега актуелна власт, беа дека Македонија ќе ја внесат во ЕУ и НАТО и со тоа ќе го сопрат иселувањето. Но, податоците говорат дека Македонија дури и да стане дел од евроатлантските интеграции, не е гаранција дека иселувањето ќе запре. Напротив. Како што покажуваат информациите од ЦИА (приложени во графиката) токму од земји кои се членки и на ЕУ и на НАТО иселувањето е поголемо отколку од земји кои не припаѓаат во овие асоцијации.

Наш најблизок пример за тоа е Хрватска, која се вбројува меѓу седумте европски држави-рекордери по негативна стапка на миграција, од кои повеќе луѓе се иселуваат отколку што се доселуваат.

Хрватска, која е членка и на НАТО и на ЕУ, во овој поглед е во друштво со Албанија и Молдавија и има полош статус дури и од Босна и Херцеговина и од Македонија.

Стапката на миграција ја покажува разликата помеѓу бројот на лица кои се вселуваат, односно ја напуштаат земјата, во текот на една година, на 1.000 жители. Податоците од ЦИА се однесуваат на ланската 2017 година, кога политичката криза во Македонија кулминираше.

– Полошо стоиме дури и од БиХ и од Македонија, кои исто така имаат негативна стапка на миграција, како и од Србија која е со нулта стапка, пишуваат хрватски медиуми.

Европски рекордери со позитивна стапка на миграција се Луксембург, Кипар, Шпанија, Норвешка, Белгија, Шведска, Австрија, Швајцарија, Ирска, Исланд, а според негативна стапка се Молдавија, Летонија, Литванија, Турција, Албанија, Естонија итн.

Ако се погледне во списокот на земји ќе се забележи дека позитивна стапка на миграција има и во земји кои не се членки на ЕУ и на НАТО, односно дека во рекордерите со негативна стапка на миграција има и повеќе земји кои се членки и на ЕУ и на НАТО.
Податоците говорат дека граѓаните не треба да се бомбардираат со волшебни залажувања дека со евроинтеграциите стандардот ќе скокне, иселувањето ќе запре, туку треба да се работи и да се создават услови за повеќе работни места, а со тоа и на повисок стандард.

– Многу е веројатно состојбата кај нас во Хрватска да е и полоша од таа што ја покажуваат податоците од ЦИА, која користи официјални бројки од Државниот завод за статистика, бидејќи имаме многу иселени, а неодјавени. Овој проблем нема да се реши додека имаме ниски плати, додека тие не се покачат, да се среди правниот систем, а општеството и политичките партии да се демократизираат, вели хрватскиот демограф Стјепан Штерц