Одлучив да предложам избор на ново раководство од членовите на партијата, како што е предвидено со статутот, итно отпочнување на соодветните процедури, во кои секако нема да бидам кандидат, но ќе бидам присутен пред, за време и по нив, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во денешната вонредна изјава по состанокот на извршната канцеларија на партијата, по поразот на изборите, јави дописничката на МИА од Атина.
Во 12-минутната изјава, Ципрас се осврна на сето она што во изминатите 15 години го поминал како лидер на партијата, за како што рече, „заедничкото патување“ кое го доведе и до премиерска функција, истакнувајќи дека е горд на она што СИРИЗА го постигна како Влада, излез од меморандумите, закрепнување на општеството и економијата, но и Договорот од Преспа.
Соопштувајќи го повлекувањето од лидерската позиција во партијата го повтори она што го кажа во неделата по изборите дека се затвори еден историски циклус за СИРИЗА, но и дека е време да се отвори нов, следен циклус, а „почеток може и треба да биде негативниот изборен резултат“.
-Постојат одредени моменти кога си повикан да донесеш критични одлуки, кога си повикан да застанеш пред историјата, пред оние со кои чекореше заедно, пред оние кои ти веруваа и те поддржаа, пред себеси, истакна Ципрас на почетокот на неговата изјава.
Додаде дека веќе има искуство одлуките да не ги носи со жешка глава, туку со смиреност и тоа го сторил во изминатите три дена.
Потенцираше дека не крие дека е емотивна одлука, но содржи и како што рече, „елемент на болка“.
-На возраст од само 34 години презедов една мала левичарска партија. Заедничкото патувањето што го одевме заедно беше опасно, полно со стапици, но возбудливо. Од мала партија, СИРИЗА стана столб на прогресивната партија во Грција. Првата левичарска партија во Европа која дојде на власт и тоа во историски моменти за земјата и Европа, истакна Ципрас
Посочи дека имал „среќа и чест да биде првиот левичарски премиер“ и тоа, во, како што рече, неверојатно тешки околности.
-И денеска, на овој важен ден за мене, изјавувам дека сум горд за она што го постигнавме. За излезот од меморандумите и подмирувањето на долгот. За излечените рани на општеството и економијата. За вратениот меѓународен имиџ на Грција. И секако за историскиот Договор од Преспа, порача Ципрас.
Грчката опозициска партија претрпе голем пораз на двојните парламентарни избори во Грција.
На првите избори во мај, СИРИЗА доби 20 од гласовите, двојно помалку од Нова демократија, а на вторите избори во неделата, дополнително се зголеми разликата меѓу двете партии (на 22,73 проценти), левичарската партија загуби гласови, освојувајќи 17,83 проценти.
Алексис Ципрас 15 години ја водеше партијата, а во периодот од јануари 2015 година до јули 2019 година додека СИРИЗА беше на власт, беше премиер на Грција .