ЦО донесе одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни партии за операционализација на следните конкретни чекори. Оваа работна група ќе ја предводи генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ – Вардарски, информираше портпаролката на партијата Богданка Кузеска

Централниот одбор на СДСМ вечерашната седница донесе одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори со цел усвојување на уставните измени и остварување на стратешката цел на државата, членство во Европската Унија, соопшти на прес-конференција по седницата, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„ЦО на СДСМ вечерва оцени дека е добро што на средба со опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент за иднината на државата. СДСМ уште еднаш покажа државнички и државотворен капацитет и понуди рака за отворен дијалог, но и за делување за остварување на уште една стратешка цел, членство во Европската Унија. Пред земјата и пред сите наши граѓани е историска шанса за продолжување на европскиот пат и воспоставениот дијалог може да доприносе за носење одлуки за европската иднина на земјата и доброто на сите наши граѓани“, рече Кузеска.

Таа посочи дека ЦО го поздравил првиот чекор којшто го направи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќањето на уставните измени.

„ЦО на СДСМ оценува дека сето ова е добра основа за продолжување на дијалогот со сите парламентарни политички партии. Оттука, врз основа на одлуките и заклучоците на седницата, ЦО донесе одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни партии за операционализација на следните конкретни чекори. Оваа работна група ќе ја предводи генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ – Вардарски“, нагласи Кузеска.

Таа дополни дека ЦО му дал апсолутна поддршка на претседателот на партијата Димитар Ковачевски и формираната работна група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, „а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата согласно усвоената преговарачка рамка со Унијата одобрена од Собранието и согласно предлог-иницијативата за потребата од уставни измени изработена од работната група при Министерството за правда“.

На прашањето како ги коментира вечершаните изјави на Мицкоски од Охрид дека не прифатил уставни измени, Кузеска рече:

„Стануваше збор за условите за уставните измени, не и за содржината на уставните измени. Оттука е и заклучокот дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги прифатија уставните измен со што направија промена на ставот и за среќа тоа е за доброто на држжавата и граѓаните“.