МПЦ-ОА и другите православни цркви кои се водат според јулијанскиот календар денеска го одбележуваат 1 септември, ден кога почнува црковната нова година. Тој празник се нарекува и Почеток на Новото лето.

Први септември како датум кога почнува црковната нова година е определен на Првиот Вселенски собор. Месецот септември кај Евреите бил почеток на граѓанската година (Исх. 23, 16), месец на собирање на плодовите и принесување жртви на благодарност кон Бога.

Во времето на ова празнување Господ Исус влезе во синагогата во Назарет и ја отвори книгата на Пророкот Исаија и ги прочита зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 1 – 2).

Уште овој месец септември е значаен во историјата на христијанството по тоа што во него царот Константин Велики ја однесе победата над Максенциј, непријателот на Христовата вера, а на таа слобода уследи слободата на христијанската вероисповед во целото римско царство.

Долго време во христијанскиот свет и граѓанската година беше сметана од 1 септември; на 1 јануари се премести најпрво во Западна Европа, а потоа во Русија, во времето на Петар Велики.

Индикт

Ако го разгледуваме црковниот календар, кога ќе стигнеме до 1/14 септември ќе видиме дека пишува „Почеток на Индиктот“. Меѓутоа, многумина читајќи го ова, се прашуваат: „Што значи тоа и што е тоа индикт?“

Поимот Индикт е латински збор што означува одредба, објава, која ја издавале ромејските императори, со цел да се одреди висината на данокот од обработката на земјата, кој требало да го платат поданиците на Рим за прехранување на војската. Оваа одредба траела петнаесет години затоа што на секои петнаесет години биле отпуштани старите војници и се регрутирале нови. Висината на даноците се одредувала од новата сила на војската за следните петнаесет години. Со текот на времето поимот „индикт“ престанал да означува само одредба, туку да означува временски период од 15 години. Така почнале да го сметаат времето со индиктиони (прв индикт, втор индикт итн.).

Прв Константин Велики го определил Индиктот како официјална мерка за време (во 312 или 313 година по Христа) кој почнува на 1/14 септември, време кога завршува собирањето на плодовите од земјата. Оваа мерка за време, според името на Константин, е Константинов индикт. Црквата го усвои овој систем за мерење на времето и годините со индиктиони. Па така црковната година почнуваше од 1/14 септември со патријаршиска Божествена Литургија и посебен свештен Молебен, за да ја благослови Бог новата година.

Византискиот император Јустинијан Први во 537 година го вовел мерењето на годините во државните документи и во судските одлуки. Па така пишувале: во првата година од тој и тој индикт, втората година од тој и тој индикт итн. Со текот на времето се формираа два вида на Индикти: Царскиот, т.е. стариот ромејски кој почнува од 1/14 септември и кој продолжува во Византија; и папскиот, кој почнува на 25 декември, а подоцна на 1 јануари.

Покрај тоа што византискиот календар го сметал 1 септември како прв ден од годината, тој ја додал астролошката година со бројот 5508 (кој бил земен како година од создавањето на светот). Значи 5508+2025 и добиваме дека денес е 7533-та година од создавањето на светот и 2025 од раѓањето на Исус Христос.

На Запад, полека-полека, како почеток на новата година завладеа први јануари, додека на Исток се задржа први септември. Тоа е причината поради која први септември до ден денес се задржа како почеток на црковната година (и на учебната година), откако се воспостави за сите како почеток на граѓанската година први јануари. Нашата Црква го одреди овој ден за да се чита во свештените храмови зачалото од Евангелието според Лука, во кое се зборува за првата проповед на Христос во синагогата во Назарет (Лука 4,16-18).

Индиктионите се бројат од Рождеството Христово. Но, бидејќи хронологијата од раѓањето Христово доцни за три години, па за да најдеме во кој индикт сме сега, на тековната година додаваме 3, па збирот го делиме на 15. Почетокот на школската година од први септември е остаток токму од црковниот индикт.

Црковната нова година го означува и почетокот на годишниот богослужбен циклус, кој се состои од празниците што ги славиме во текот на целата година. Првиот во низата од овие празници е Рождеството на Пресвета Богородица – Мала Богородица на 21/8 септември.