На 28.02.2019 околу 19 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека истиот ден околу 18 часот на локалниот пат село Делогожда-село Поум, на место викано „Кодра бум“ У.В.(22), управувајќи патничко возило „Голф“ со струшки регистарски ознаки, бил пресретнат од патничко возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Б.(46) од село Поум, во кое бил и неговиот син З.Б.(23).
Според пријавеното, В.Б. и З.Б. излегле од возилото и со секири тргнале кон У.В. со кого од порано имале нерасчистени односи. У.В. испукал повеќе куршуми и ги погодил З.Б.и В.Б., по што заминал од местото и се пријавил во Полициската станица Струга. Од случајни минувачи повредените биле пренесени во Медицински центар Струга, каде кај З.Б. била констатирана смрт, додека В.Б. бил задржан на лекување. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција. Се преземат мерки за расчистување на случајот.
На 28.02.2019 околу 18.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булевар „Партизански Одреди“, во близина на Трговскиот центар „Лептокарија“, имало пукање од лица кои биле со две возила.
Веднаш се упатени полициски службеници и извршен е увид. Траги од крв не биле пронајдени, а нема ниту пријава за повредени лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.02.2019 околу 10.00 часот на пешачки премин од крстосницата нa улиците „Благој Ѓорев“ и „Борис Трајковски“ во Велес патничко возило „Форд мондео“ со велешки регистарски ознаки, управувано од В.А.(76) од населба Отовица, Велес, удрило во пешакот Д.С.(44) од населба Превалец.
Притоа, пешакот се здобил со повреди и бил пренесен во болницата во Велес. Извршен бил увид на местото на настанот.
На 28.02.2019 во 21.30 часот во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека на место викано „Љубаш“ настанал пожар околу 20.00 часот при што била зафатена нискостеблеста шума во површина од околу пет хектари.
Од екипа на Територијална противпожарна единица Кавадарци пожарот бил локализиран.
На 28.02.2019 околу 21.40 часот во Полициската станица Тетово биле донесени албанските државјани Б.Ш.(20) и С. Ш.(24), кои поради илегален влез во нашата земја, претходно биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Рогачево.
Тие се предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, по што биле депортирани во нивната матична земја.
Полициски службеници во Секторот за внатрешни работи Битола на 28 февруари извршиле контрола за брзина, зимска опрема, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, товарни возила, сигурносен појас, светло и алкохол, при што биле контролирани 428 возачи и возила.
При контролата, констатирано е дека 19 возачи управувале возило со поголема брзина од дозволената, еден возач управувал без возачка дозвола, а кај тројца возачи има утврдено присутво на алкохол. Нерегистрирано било едно едно возило, на мобилен телефон разговарале три возачи и двајца возачи не користеле сигурносен појас. Пет возачи се писмено опоменати, а на 42 возачи изготвени им се мандатни платни налози и ќе се соочат со соодветни глоби, а исто така, изготвени се и 17 прекршочни налози. Исто така, при контролата откриени се и други 27 различни прекршоци.