Околу 21:40 часот вчера на улица „Браќа Миладинови“ во Тетово полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово од слобода го лишиле Е.Б.(58) од Тетово поради „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија, а во врска со настанот од 15 јануари 2019 година.
Тој ден околу 23:00 часот на улица „Александар Илиќ“ во Дебар, при контрола на патничко моторно возило „Фолксваген Поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.А.(45) од Тетово, полициски службеници пронајдоа две торби со 20 килограми марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и потоа спроведен до Основно Јавно Обвинителсво-Скопје, Оддел за организиран криминал за понатамошна постапка.
Вчера во 19:45 часот во СВР Скопје, Н.Н.(35) од село Батинци, скопско, пријавил дека на стариот пат за село Батинци, каде што се врши дотур на земјиште, била пронајдена неексплодирана граната (најверојатно од Првата или Втората светска Војна). Известена е Дирекција за заштита и спасување за понатамошна постапка.
Околу 20:30 часот вчера во СВР Скопје било пријавено дека на булевар „3-та Македонска Бригада“ во Скопје избувнал пожар во куќата сопственост на О.Е.(62) од Скопје.
Бидејќи сопственикот, кој бил под дејство на алкохол и го нарушувал јавниот ред и мир и им ја попречувал работата на припадниците на Бригадата за противпожарна заштита, бил приведен во Полициската станица Аеродром. Увид на местото ќе се врши во текот на денот.
Вчера во 17:20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Н.Ц.(50) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 16:30 часот на улица „Лука Геров“ била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница.
Во 14:40 часот вчера во Полициската станица Гази Баба, В.Д.(40) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 08:00 часот на улица „15-ти Корпус“ бил каснат од куче скитник во пределот на ногата.