Скопје, 15 јануари 2019 (МИА) – Секторот за внатрешни работи Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство-Битола презедоа мерки и активности поради споделена објава со закани по живот на социјалната мрежа Фејсбук од страна на О.Ј. (40) од Битола, односно поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл.144 „Загрозување на сигурност“ од Кривичниот законик на Република Македонија.
Како што информира МВР, вчера лицето О.Ј. е повикано на службен разговор во полициска станица, а одземени се и предмети со цел прибирање на докази. По документирање на случајот, против О.Ј. ќе биде поднесена кривична пријава.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Е.Ќ.(26) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 18.12.2017 година полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот на улица „Страшо Пинџур“ во Виница и притоа пронашле и одзеле амфетамини и марихуана.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.А.(30) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 27.12.2018 година на улица „Маршал Тито“ во Тетово полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „Мерцедес“, сопственост на Д.А. од Тетово, при што пронашле и одзеле 10.223 парчиња пиротехнички средства.
Вчера околу 07.40 часот во Полициската станица Аеродром било пријавено дека на улица „Ѓорѓи Капчев“ избувнал пожар. Полициски службеници излегле на местото на настанот и било констатирано дека се работи за пожар на отпаден материјал во склад за отпад, сопственост на С.Д.(35). Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема.
Денеска во 01.30 часот во СВР Скопје, И.Б.(27) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 00.10 часот на улицата „Индира Ганди“ бил физички нападнат од Р.Н. и уште неколку лица. Се преземаат мерки за целосно расчитување на случајот.
Вчера во 11.30 часот во СВР Скопје, Б.А.(36) пријавил дека во село Батинци А.О.(28) од село Батинци физички го нападнал неговиот син. Поднесен е соодветен поднесок против А.О..
СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.С.(43) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 10.01.2019 година полициски службеници извршиле претрес на дом и други простории на пријавениот на улица „Среќко Пужалка“ при што биле пронајдени и одземени две експлозивни направи, две детонаторски каписли и 25 куршуми различен калибар.
Вчера во 15.00 часот во СВР Скопје, И.М.(20) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 13.10 часот на улица „Зендел Џемаил“ бил физички нападнат од А.А.(19) и А.А.(21), двајцата од село Огњанци, скопско. Се преземаат мерки за целосно расчитување на случајот.
Во Полициската станица Центар вчера во 22:00 часот Д.Г.(40) од Скопје пријавил дека истиот ден во времето од 20.30 до 20.35 часот пред маркет на улица „Рузвелтова“ непознат сторител одзел патничко возило „Ауди А4“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Е.Б. од Скопје. Пријавителот го оставил возилото да работи и влегол во маркетот, а непознато лице влегло во незаклученото возило и заминало во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возилото и за целосно расчистување на случајот.
Вчера во 22.25 часот било пријавено дека две непознати лица извршиле разбојништво на бензинска пумпа на улица „Александар Македонски“ во Прилеп и со закана со пиштол од вработениот одзеле околу 36.000 денари и мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.А.(28) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство“. На 08.01.2019 година околу 23,00 часот на улицата „Маршал Тито“ во угостителски објект пријавениот кршел предмети, а упатил и закани по животот кон Ф.Д. и Г.Ц..
Вчера во 19.45 часот во СВР Скопје, С.И.(20) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 19.30 часот на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ физички бил нападната од неколку лица. Се преземаат мерки за расчитување на случајот.
Во СВР Скопје вчера во 13.50 часот Д.К.(24) од село Црквиње, велешко, пријавил дека истиот ден околу 13.20 часот на улица „Перо Наков“ тој и неговиот брат Е.К. физички биле нападнати од две лица, од кои едното имало нож. Се преземаат мерки за расчитување на случајот.