Владата на Република Македонија донесе одлука за отворање Почесен конзулат на Република Албанија во Република Македонија со седиште во Битола.

Со владината одлука донесена на 8 јануари оваа година и објавена во Службен весник на РМ се дава согласност Имер Селмани да се именува за почесен конзул на Република Албанија во Република Македонија со седиште во Битола.

Владината одлука ќе ја спроведе македонското Министерство за надворешни работи.

Инаку, од независноста на Република Македонија до денес во Битола се отворени 13 почесни конзулати на исто толку држави од Европа. Од нив, три  почесни конзулати (Хрватска, Велика Британија и Словенија) привремено не работат,  додека Република Бугарија во Битола има Генерален конзулат, а Република Грција има отворено Канцеларија за врски во овој град.