Министерството за образование на Црна Гора денеска го одложи почетокот на учебната година и отворањето на предучилишните установи до 1 октомври, пренесува ТВ Канал 5.
До тогаш, еден од родителите на деца под 11-годишна возраст ќе има право на платен одмор за да се грижи за децата.
Здравствените власти проценија дека редовниот почеток на учебната година на 1 септември „носи ризик по здравјето на децата поради неизвесниот развој на епидемиолошка состојба која, иако е под контрола, сепак е сложена“, велат од владата.
Одлуката е донесена откако вчера Националното координативно тело за инфективни болести, на кое присуствуваше и премиерот Душко Марковиќ, истакна дека епидемиолошката состојба во Црна Гора се консолидирала.
Тој им наложи на надлежните органи за здравство и образование да ги интензивираат подготовките за почетокот на учебната година затоа што „на учениците треба да им се овозможи редовно да одат на часови, а децата од предучилишна возраст треба да останат во градинките со највисока можна гаранција за нивната безбедност и заштита на нивното здравје“.
Во Црна Гора во моментов има 1.019 активни случаи на инфекција со коронавирус, а од средината на јуни, кога започна вториот бран на инфекција, 71 лице починало како резултат на Ковид-19.