Франција издаде црвено предупредување за јужните региони поради екстремно топлото време, а температурите се очекуваат да достигнат до 41 Целзиусов степен во долината на Рона.
Предупредувањето им дозволува на локалните власти да откажат спортски и културни настани и да ги затворат јавните простори доколку е потребно.
Департманите погодени од црвениот аларм, ги вклучуваат Рона, Дрон, Ардеш и Горна Лоара, соопшти Метео Франс.
Француската метеоролошка служба веќе шести пат издава црвено предупредување како дел од владината програма за заштита на населението при екстремни временски услови, но ова е првпат годинава.
-Подготвени сме за ваков вид метеоролошки настан. Само се подготвуваме за превенција. Нашата порака до населението е максимална претпазливост. Се очекува дека температурите денеска ќе се искачуваат меѓу 40 и 42 степена во јужните делови, изјави министерот за здравство Орелиен Русо.