Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

ПРИЧИНИ И ПОВОД

Дали овие суштества од власта ја прават елементарната, школската разлика помеѓу поимите ‘причина’ и ‘повод’ за одреден настан, гест или безусловна оставка? Можеби ја прават, меѓутоа се однесуваат како да не се оттука, како овде, во светот, да се нашле случајно, паднати од некоја сѐ уште неименувана мета галаксија. Зарем, на пример, не чуле дека е смешно, дури и неуко да се смета дека повод за Првата светска војна е атентатот во Сараево, кој не бил ништо друго освен само п о в о д да се започне Војната. Меѓутоа, причините за нејзиниот почеток биле бројни и само се чекала последната/иницијална капка (значи, п о в о д о т!) во преполнетата чаша. И, според тоа, зарем не сфаќаат дека трагедијата во Тетово е само конечниот повод да се дадат безусловни оставки, бидејќи во здравството постојат, како што и постоеја бројни п р и ч и н и не само за оставки, туку и за неповратни р а з р е ш у в а њ а. Истото важи за целата власт/Влада, како и за нејзините неми, безусни и мекотелни придружници.

Во противно, сѐ друго би било под секое морално, политичко и човечко достоинство. Или и човечноста, во меѓувреме, некаде ја загубија, заборавија, погребаа?