Кој ѝ пречи на Република Македонија да го стори истото што го прави Бугарија – да донира учебници, книги, брошури или да стипендира Македонци, кои живеат надвор од својата матична држава, прашува проф. д-р Љубомир Цуцуловски.
Тој под наслов „Сервилност“ објавува прилог за тоа на својот профил на Фејсбук:
– Бугарија им доделувала материјални средства/стипендии, меѓутоа и книги на македонското малцинство во соседните земји и области – како што се Албанија или Гора. Меѓутоа, кој ѝ пречи на Република Македонија да го стори истото – да донира учебници, книги, брошури или да стипендира (на сите нивоа) Македонци, кои живеат надвор од својата матична држава, како што тоа го прават многу други земји. Или сѐ се сведува на легендарното „Трај Трајче, оти некој од соседите би можел да се налути, а ние (‘кутрите’) сме сами.“ Демек, кој ќе нѐ брани? Пуста државна сервилност. П.С. Јас, на пример, пред десетина година донирав триесет пакети, секој со по три мои книги, и за тоа немав никакви проблеми. Само што треба да се има волја, желба и одлучност. Сѐ друго се само празни кажувања, пишува Цуцуловски на Фејсбук.
Како што објавивме, деновиве, Бугарија доделува финансиски и материјални средства за учење на бугарски јазик во Македонија, Албанија, Косово и Србија.